Ковчегот со телото на покојниот папа Франциск пристигна во базиликата Санта Марија Маџоре, каде што ќе биде погребан на приватна церемонија.
Само најблиските до него присуствуваа на погребот, а неговиот ковчег беше пречекан со ѕвона.
Претходно, по мисата на плоштадот „Свети Петар“ во Ватикан, папамобилот со ковчегот помина низ улиците на Рим, при што насобраната маса луѓе се збогуваше со поглаварот на Римокатоличката црква.
Италијанскиот кардинал Џовани Батиста Ре ја изговори молитвата на верниците, позната и како универзална молитва, за време на погребната церемонија на папата Франциск во Рим, а тој момент означи отстапување од традиционалните папски погреби, бидејќи молитвата за првпат беше изговорена на мандарински јазик, по што следеше евхаристиската миса.
Молитвата беше изговорена на шест јазици – италијански, француски, арапски, португалски, полски и германски.
На мисата во Ватикан, според официјалните податоци од Ватикан, присуствуваа околу 250.000 луѓе, како и 170 странски делегации. Меѓу нив имаше шефови на држави и влади, монарси, поранешни државници, политичари од Италија и други земји, интелектуалци, уметници. На погребот присуствуваше и претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова.
Целиот настан го следеа околу 2.700 акредитирани новинари.
Поради погребот во Ватикан и во Рим се воведени драконски безбедносни мерки.
Верниците ја следеа секоја фаза од погребот преку големи екрани кои беа поставени и на плоштадот Свети Петар.
Поглаварот на Римокатоличката црква почина на 88-годишна возраст на 21 април.
Верниците уште од утре ќе можат да го посетат гробот на папата во базиликата Санта Марија Маџоре, објави Ватикан.
Од 5 до 10 мај, 135-те кардинали, членови на конклавата, ќе треба да изберат нов папа.