МВР информира дека го пронашол несовесниот возач во Охрид, кој вчера вечерта прегази маж и побегна.
-На 24.04.2025 во 22.40 часот во СВР Охрид е пријавено дека на улицата „Гоце Делчев” во Охрид, патничко возило удрил во пешакот Е.С.(59) од Охрид и го напуштило местото. Пешакот бил пренесен во болницата „Св.Еразмо” во Охрид каде му биле констатирани тешки телесни повреди. По преземените мерки, полициски службеници од Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај Охрид, констатирале дека се работи за патничко моторно возило „фолксфаген ап” со охридски регистарски ознаки, управуван од С.П.(24) од Охрид. По извршено алкотестирање, кај возачот и пешакот не е утврдено присуство на алкохол во организмот. По овластување на јавен обвинител увид на местото изврши екипа на СВР Охрид, додека по целосно документирање на случајот против С.П. ќе биде поднесена соодветна пријава, информираат од МВР.