Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи, до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција, поднел кривична пријава против К.Б., Г.Л. и А.Т. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ по член 353 став 1 од Кривичниот законик.
Од МВР денеска соопштија дека првопријавениот К.Б., во време на извршување на кривичното дело на работно место помлад инспектор-водич на безбедносен реон во Полициската станица Кочани на 07.10.2023 и второпријавениот Г.Л., во време на извршување на кривичното дело на работно место инспектор за прифат-сменоводител во Полициската станица Кочани на 25.11.2023, по спроведена акциска контрола во кабаре „Пулс“ Кочани за констатиран прекршок по член 21 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, изготвиле записник за сторен прекршок и прекршочен платен налог на неактивно правно лице ДПТУ Класик ДМ ДОО Кочани и на одговорно лице Д.Ј., иако знаеле дека на 15.02.2023 во Централниот регистар правното лице е регистрирано како Друштво за производство, трговија, услуги и угостителство ДПТУУ ММММ Кафе ДООЕЛ Кочани, подружница кабаре „Пулс“ со одговорно лице М.С., со што овозможиле имотна корист за правното лице ДПТУУ ММММ Кафе ДООЕЛ Кочани и одговорното лице Митко Стојанов.
Третопријавениот А.Т., во време на извршување на кривичното дело на работно место командир на Полициската станица Кочани, во два наврати на 01.02.2024 и на 07.02.2024 одобрил и потпишал барање за поведување прекршочна постапка за констатиран прекршок по член 21 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир против неактивен правен субјект ДПТУ Класик ДМ ДООЕЛ Кочани и одговорно лице Д.Ј. и ги доставил до Основен суд Кочани – Одделение за прекршоци, претходно констатирани од првопријавениот на 07.10.2023 и од второпријавениот на 25.11.2023, иако знаел дека на 15.02.2023 во Централниот регистар правното лице е регистрирано како Друштво за производство, трговија, услуги и угостителство ДПТУУ ММММ Кафе ДООЕЛ Кочани – подружница кабаре „Пулс“ со одговорно лице М.С., се појаснува во соопштението од МВР.
Јавното обвинителство претходно соопшти дека испитувањето на оштетените лица во истрагата за трагичниот пожар што се случи во дискотеката „Пулс“ во Кочани е планирано да започне на почетокот на мај. Поради големиот број оштетени и засегнати лица, ќе следи дополнително известување со детали за распоредот и динамиката на испитувањата.
Обвинителскиот тим кој работи на предметот, како што велат од ЈО, интензивно презема итни и неодложни дејствија, кои во моментот вклучуваат сослушувања и координација на вештачења неопходни за обезбедување докази за кривичната постапка.
-Во тек е прибирање на сите потребни податоци и контакти од оштетените и семејствата на настраданите, како и информации за нивните полномошници. Во зависност од здравствената состојба на повредените и другите околности, обвинителството ќе ги извести сите засегнати навремено за нивното учество во постапката, стои во соопштението.
Во истрагата за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кој се случи на 16 март 2025 година, а во кој загинаа 62 лица, се осомничени 68 физички и три правни лица.
Пожарот беше предизвикан од искри од пиротехнички ефекти за време на концерт на групата „ДНК“. Дискотеката работела без валидна лиценца и прекршувала бројни безбедносни стандарди, вклучувајќи недостаток на противпожарни системи и доволно излези за евакуација.