Во конзорциумот на радија и универзитети “Newaves”, каде е и Канал 77, член е и Националното радио на Словачка. Радиото сместено во центарот на Братислава, е уникатно по повеќе нешта – ги има најголемите оргули во Европа дел од Големата концертна сала, која во времето кога ја посетивме беше преполна со љубопитни ученици, кои заедно со своите наставници дојдоа во посета.
Квалитетот на оргулите ги задоволува бараните критериуми за уметничка интерпретација. Овој огромен инструмент е поставен во 1984 година, има 81 постојки, педали и 6373 цевки. Овде редовно се одржуваат концерти, радиото има оркестар и диригент кој повеќе децении раководи со оркестарот.

Под концертната сала се наоѓа огромна библиотека со ноти, каде вредно се евидентира секој лист ноти составен од изградбата на зградата на Словачкото радио во 1983 година. Нотите се создавани специјално за радискиот оркестар.

Втората уникатност на Словачкото радио е архитектонскиот изглед на зградата каде е сместено. Зградата има облик на превртена пирамида, како што е формата на новинрско пишување. Некои оваа зграда ја нарекуваат „дијамант“ поради обликот.

Во бројните записи на интернет може да се прочита дека зградата на Словачкото радио припаѓа на една од архитектонските знаменитости на Братислава.
„Изграден е во време кога социјалистичкиот реализам бил официјален архитектонски стил во Чехословачка. Сепак, на архитектите им беше овозможена значителна слобода да експериментираат со дизајнот на зградата“.
Уникатноста на еден медиум не ја чини толку зградата, опремата, изгледот, туку што всушност луѓето работат. Во едно од студијата, кое го посетивме е снимена првата мелодија (рингтон) на телефоните Нокиа. Веројатно, тоа е најпознатиот звук на минатите години и децении на едни други генерации.

Но, не само тоа. Словачкото радио е местото каде се снимени сцените од филмот „Црвено врапче“ со холивудската дива Џенифер Лоренс. Сцените се снимени по долгите ходници, на високите скали, во мрачните подрумски простории, со цел да се долови советскиот систем на строг тренинг и дисциплина.

Лоренс во филмот во кој игра и Џереми Ајронс ја толкуваше улогата на фатална шпионка на КГБ, чија главна цел е да му влезе под кожа на американски офицер на ЦИА, кој го игра уште еден врвен актер, Џоел Еџертон.
Словачкото радио имаа 11 канали односно радија во состав.
В.К.