Силен земјотрес со јачина од 6,2 степени според Рихтеровата скала го погоди во средата Истанбул. Најмалку 236 лица се повредени, соопштија официјални лица.
Според Агенцијата за управување со катастрофи и вонредни ситуации (АФАД) епицентарот на земјотресот бил во областа Силиври во Истанбул.
Земјотресот беше почувствуван низ Истанбул, дом на повеќе од 15 милиони луѓе, и во соседните провинции, поради што жителите во страв бегаат од зградите, јавува Анадолија.
Земјотресот се случил на длабочина од речиси седум километри и траел 13 секунди, изјави министерот за внатрешни работи Али Јерликаја.
Кабинетот на гувернерот додаде дека 236 лица се повредени откако скокнале од височина поради паника.
Тие се хоспитализирани, но ничиј живот не е во опасност.
- До 17 часот и 55 минути се регистрирани 127 последователни потреси, од кои најголемиот бил со јачина од 5,9 степени – изјави Јерликаја.