За три месеци, колку што општина Струмица има организиран јавен превоз, резултатите се повеќе од добри – дневно се возат во просек по околу 1200 патници во електричните автобуси, кои возат по утврдените возни линии, по принцип и организација, кои се сосема исти како било која светска метропола. Развиена е апликација, се плаќа и дигитално со примена на НФЦ картички, а со општинската субвенција, без разлика на тоа дали е градска или приградска линија, картата за едно возење е 30 денари. За овој краток период од работењето на ЈП „Струмица превоз“ изграден е современ транспортен центар, а се финализираат и стојалиштата. Во неколку реченици е опишана работата од речиси една и пол година, од моментот кога на Драги Поп Стојанов, менаџер во банка, општината му ја довери задачата да го организира јавниот превоз во Струмица и населените места. Директорот на „Струмица транспорт“ вели дека воведувањето на превоз реши еден голем хендикеп за струмичани.
-Од економски аспект тоа е една голема услуга за граѓаните и затоа толку се покачи бројот на патниците. Не може да замислите како претходно беше состојбата со приградскиот превоз, како беа хендикепирани жителите на руралните населби. Чекаа комбе, па да се наполни комбето, тоа може да чека саат и саат и пол, за да се постигне бројката од 6,7,8 луѓе за да тргнат кон Струмица. Сега, ние имаме мониторинг систем, ГПС следење на автобусите. Немаме никаде доцнење на автобусите повеќе од една минута. Секаде стигнуваат на време, а ако доцнат, доцна од минута до минута и пол“, изјави Поп Стојанов.
Еден автобус во еден час два пати ја поминува градската линија. За да се стигне од еден до друг крај на Струмица не треба повеќе од 10-15 минути, додека најдолгите релации на електричните автобуси се во приградскиот сообраќај. До најоддалеченото село потребен е половина час за да се стигне. Да се оди со автобус на работа, полека станува навика во Струмица, додека со купувањето на автобусите се реши и ученичкиот превоз.

Поп Стојанов се враќа една и пол година наназад, кога добил лист хартија од општината и од удобната менаџерска позиција, добил задача да го постави на нозе јавниот превоз. За деновиве да стигне до финалниот инфраструктурен дел, до поставување на настрешниците на стојалиштата, за кои, како што изгледа, ќе треба уште да се почека. Граѓаните на Струмица ќе треба да почекаат на настрешниците, кои ќе ги заштитат од дождот и ветерот, исто како што претпријатието ги чека парите од повратот на ДДВ од Министерството за финасии и УЈП.
Вкупно 69 милиони денари или околу 1,2 милиони евра е данокот што државата треба да го врати на струмичкото претпртијатие за набавката на десет електрични автобуси. ДДВ-то требало да биде вратено најдоцна до ноември минатата година, но и по половина година, на средствата се’ уште се чека. И по сите интервенции од „Струмица превоз“, повторените барања и пишаните интервенции, парите ги нема, а со тоа се оневозможува квалитетното функционирање на јавниот превоз во Струмица.

Директорот Драги Поп Стојанов е дециден дека не сака да помисли дека се работи за политички ревеншизам на централната власт предводена од ВМРО ДПМНЕ кон претпријатие во општина водена од градоначалник од СДСМ.
-Ако на Струмица и’ се случува тоа што се случува на Скопје, ако е тоа политичка ситуација, јас не би сакал да живеам во таква државас, не моите деца. И затоа полека, полека луѓето си одат. Не си одат оти не е убаво тука, дома е најубаво. Имаме многу такви нерешени работи, се занимаваме со глупости. Младите тоа веќе не го трпат, се сменија времињата, имаат информации ставаат на кантар и си одат“, дециден е Поп Стојанов.

Ова постојано одложување и своевиден административен молк, според Поп Стојанов ќе се одрази врз сите граѓани.
-Ќе паднат услугите, луѓето сега немаат настрешница (на стојалиштата), ги дува ветер, врне дожд. Тоа е направено да биде во интерес на луѓето, на сите граѓани. Тоа што ми кажувате политички..не е. Кај нас во автобусите не се возат припадници на политички партии. Кај нас се качуваат сите, не ги прашуваме: Од која партија си? Значи, се возат граѓаните на општина Струмица. Тој недостаток на средства е удар врз квалитетот на живеењето на граѓаните на општина Струмица од сите политички припадности“, смета директорот Поп Стојанов.
Општина Струмица во септември лани, со набавката на 10 автобуси стана првата општина во државата со целосно електричен јавен превоз. Набавени се 8,5 метарски автобуси, што според физибилити студијата се оценети како соодветни за конфигурацијата на теренот во Струмица и околината. Набавката на електричните автобуси е одговор на аерозагадувањето, а на подолго време економски е исплатлива инвестиција.
В.К.