Отворен и кариерен ден, на иста локација, во исто време – на плоштадот пред ректоратот на универзитетот „Гоце Делчев“ во штипско Ново Село. Средношколците од сите средни училишта од Штип, но и од регионот, имаа прилика на отворениот ден да се запознаат подобро со сите факултети и академии во рамките на штипскиот универзитет, кои со свои штандови и професори и асистенти споделуваа информации со своите потенцијални студенти.
Од друга страна, истовремено, повеќе од 40 компании беа присутни со свои штандови, пак, за студентите на УГД, презентирајќи ги своите можности за кариерен развој и вработување на идните дипломирани студенти.

- Буквално од секаде, имаме навистина огромен број на компании, мислам дека се 40, ученици од цела Македонија, што ми преставува посебно задоволство што факултетот станува интересен за студентите не само од нашиот регион, туку од цела држава, изјави Дејан Мираковски, ректор на УГД.
Елисавета Горгиева-Јовевска од Стопанската комора на Македонија вели дека е многу важно младите да сфатат дека има добри можности за работа и во Македонија:
- Сакаме да ја смениме статистиката и сакаме да ги смениме бројките на одлевање на кадар во високо развиените земји. Организирајќи вакви настани навистина можеме да делуваме да го задржиме најважниот фактор кој создава дополнителна дејност и дополнителна вредност, а тоа е човечкиот фактор, рече Горгиева-Јовевска.

Настанот традиционално е поддржан и од општина Штип:

- УГД Штип е иднината на младите, иднината на бизнис сектор, реалниот сектор, иднината на Општина Штип, изјави Јорданов.
Штипскиот универзитет отворениот и кариерен ден ги организира втора година по ред.