Отпадот што го има на терен предизвикува голема штета и ние мора да најдеме начин како да се справиме со отпадот. Ова е еден регулиран систем за справување со отпад кој се планира на територијата на цела држава, истакна Ане Лашкоска, заменик министерка за животна средина и просторно планирање, на јавна расправа во Општина Новаци, а во врска со најавената изградба на Регионален центар за управување со отпад во Новаци.
Во изјава за медиумите Лашкоска, посочи дека изборот на локацијата е направен со претходни испитувања и истражувања на ЕБОР со експерти од странство кои констатирале дека се работи за девастирано земјиште и на локација 17 километри оддалечена од Битола.
-Разбирлива е грижата што постои кај населението и таа грижа постоеше и кај нас, а кога дојдовме на власт и кога дојде време проектот да го видиме ние ги се запознавме со сите фази на овој проект и затоа денеска дојдовме во Новаци да го образложиме проектот. Овој проект е започнат во 2019 година, а во 2022 година е постигнат договор со ЕБОР за што во 2023 година е земен кредит од 55 миилиони евра, а има и грант од 31,5 милиони евра кои се дел од овој проект. Грижата на граѓаните е разбирлива и затоа ние сме подготвени да одговориме на сите прашања. Тоа што го имаме на терен предизвикува голема штета и ние мора да најдеме начин како да се справиме со отпадот. Ова е еден регулиран систем за справување со отпад кој се планира на територијата на цела држава. Во североисточниот регион сме во напредна фаза, а сега го решаваме пелагонискиот регион, истакна Лашкоска.
Проектот, како што посочи таа, содржи повеќе фази, а Министерството веќе има обезбедено контејнери и канти за отпад за сите општини.
-Во следната фаза со камиони ќе ги снабдиме сите комунални претпријатија, во три општини од овој регион предвидени се три претоварни станици за селекција на отпадот, а регионалната депонија што ќе биде во стар коп на РЕК Битола ќе прима околу 50 проценти од отпадот. Изборот на локацијата е направен со претходни испитувања и истражувања на ЕБОР со експерти од странство кои констатирале дека се работи за девастирано земјиште и на локација 17 километри оддалечена од Битола. Референдумот е уставно право, но низ овие јавни расправи очекуваме да слушнеме и други, можеби и алтернативни предлози, нагласи Лашкоска.
На јавната дискусија во Општина Новаци, граѓани од општината и од Битола со протестни транспаренти посочија дека се против изградбата на депонија во Пелагонија и дека процесот е нетранспарентен.
-Бараме од локалните власти во Новаци и Битола да го достават на увид проектот за депонијата и патот што ќе води до депонијата. Ако навистина е добар, тогаш се е во ред, но ако не го достават тогаш ќе протестираме бидејќи сме загрижени и затоа бараме да има референдум. Сакаме да ги модернизираат и озаконат постоечките депонии, сакаме Центри за процесирање отпад, а не за пакување на отпад. Планираната дупка во РЕК Битола за отпад всушност ќе ја загади цела вода во Пелагонија и тоа е многу опасно. Има технологии, има решенија за сите пелагониски проблеми, но некој треба да ги прифати бидејќи ние несакаме да бидеме депонија за целиот регион. Во оваа прилика сакам да порачам надлежните да почнат да се занимаваат и со цитостатичниот отпад кој што се наоѓа во кругот на болниците и се фрла без никаква контрола. Тој отпад е целосно канцероген и затоа по бројот на канцер заболени лица во Битола е многу голем, истакна Никола Танчевски, учесник на јавната расправа.
Според градоначалникот на Општина Новаци Стевче Стевановски, Регионалениот комунален центар е европски и развоен проект и тој ќе донесе изградба на нови патишта, инфраструктура и решавање на проблемот со отпадот.
-Со најновиот предлог од финансиските институции што ќе ја помогнат изградбата на депонијата е наложено кон пелагониските да се приклучат и општините од југозападниот регион. Тоа всушност предизвика недоразбирање, но тоа е наложено од странски експерти кои сметаат дека со двата региони проектот да биде финансиски исплатлив. Во таа смисла според експертите за најсоодветно место за лоцирање на депонијата се коповите на РЕК Битола, односно во рудник на РЕК Битола, истакна Стевановски на јавната расправа во Општина Новаци.