Портпаролката на Белата куќа, Керолајн Ливит, денеска изјави дека нема да соработува со новинари кои во своите мејлови ги наведуваат заменките со кои сакаат да им се обраќаат или го нагласуваат нивниот родов идентитет.
„Секој новинар кој ќе избере да вметне произволни заменки во биографијата, очигледно не се грижи за биолошката реалност или вистината и затоа не може да му се верува да напише искрена приказна“, изјави Ливит за „Вашингтон пост“.
Белата куќа не одговори на дополнителните прашања на весникот за тоа кога ќе се спроведе формалната политика за ова прашање, ниту потврди дали таа ќе се однесува на целата кореспонденција меѓу новинарите и другите претставници на Белата куќа надвор од прес-службата.
„Њујорк тајмс“ претходно објави дека на тројца новинари им биле одбиени одговорите од Белата куќа затоа што користеле заменки во нивните мејлови.
Американскиот претседател Доналд Трамп издаде извршна наредба на 20 јануари, на денот на неговата инаугурација, со која изјави дека официјалната политика на САД ќе биде признавање само два пола – машки и женски.