Односите меѓу Арбен Таравари и лидерите на другите партии во коалицијата ВЛЕН, која е дел од владејачкото мнозинство, се значително затегнати. Главната точка на несогласување се однесува на заедничкиот настап на претстојните локални избори, но во позадина се наѕира и прашањето за можно приближување на Таравари кон ДУИ.
Лидерот на Демократско движење, Изет Меџити, денеска отворено побара од Таравари да се изјасни – дали останува дел од ВЛЕН или води паралелни преговори со ДУИ.
„И едното и другото не оди. Ако води разговори со ДУИ, тогаш тоа значи дека ќе мора да испорачува нешто за возврат, што би било спротивно на политиките на Владата“, изјави Меџити на денешната прес-конференција.
„Изјави од типот ‘ќе одам сам, а некаде ќе соработувам со ДУИ, некаде со ВЛЕН’, тоа не постои ни во теорија, а не пак во пракса“, рече тој, додавајќи дека таквиот пристап само создава конфузија и ја поткопува стабилноста на коалицијата.
Дополнително, спорна тема е и предлогот на Таравари за настап со посебни советнички листи на локалните избори. Според Меџити, таквиот предлог бил надгласан од останатите коалициски партнери.
„Ако сме заедно во Влада, треба да сме заедно и на локално ниво. Се друго оди во прилог на други политички партии“, истакна тој.
На прашањето дали Таравари може да остане во Владата и покрај можен излез од ВЛЕН, Меџити повтори дека прво се чека одговор од Таравари, а потоа ќе следи став од останатите партнери.
Во однос на неговите наводни контакти со експоненти на ДУИ, Таравари вчера изјави дека комуникацијата не значи и политички преговори, што Меџити го потврди, но и подвлече дека постои разлика меѓу комуникација и политичко договарање.
Во позадина, во ВЛЕН веќе е започнат процесот на спојување во единствен политички субјект. Меџити откри дека веќе функционираат заеднички тела, како кадровска комисија и ПР-тим, и дека сега е време за обединување со јасна визија.
„Најмалку важно е кој ќе биде лидер на ВЛЕН, тоа ќе го решат органите“, нагласи тој.
Од своја страна, Таравари вчера изјави дека не добил конкретна понуда за формирање заедничка партија, туку ултиматум. Негираше дека води преговори со ДУИ, но додаде дека останува отворен за соработка со сите.
Политичката сцена е во исчекување – дали Таравари ќе остане лојален на ВЛЕН или ќе го избере патот на самостојно делување, можеби дури и во партнерство со ДУИ. Од неговиот одговор ќе зависи иднината на оваа кревка коалиција.