Сине мајкино,непребол вечен мој, денес требаше силно да те гушнам и да ти посакам да си здрав и жив, да чекориш по патот на среќа и успеси ама твојот пат заврши овде многу рано. Не остави мајкино во огромна болка и тага, отвори рани во срцево кои од ден во ден не поминуваат туку откинуваат парчиња. Мајка за се те учеше во животот, сега научи ме ти мамино како да живеам без тебе. Како да прифатам дека ти повеќе нема да се вратиш, да те гушнам и помирисам, да ти кажам колку многу те сакам и колку болно ми недостигаш….Но едно знам и сакам да верувам дека таму кај што си ти се отворени рајските порти и сега си меѓу ангелите, зошто ти и овде беше ангел….
Ова може да го напише само мајка со скршено, со искорнато срце, мајка која прерано го изгубила своето чедо. Ова го напиша Мирјана Радуловиќ од Скопје, која во aприл пред четири години во сообраќајна несреќа го изгуби синот Алек, кому место да му прослави полуматура и 15-ти роденден, го испрати кај ангелите.
Родителите на Алек, Мирјана и Сашко Радуловиќ велат дека болката за изгубеното чедо никогаш нема да помине, но душата ќе им се смирела доколку првадата била здоволена. Сашко и Мирјана веќе четири се мачат по судските лавиринти и процесот се уште нема крај. Скршени од болка и разочарани од македонското судство и неказнивоста тие решија јавно да прозборат за нивната мака.
Велат: „Го изгубивме нашето чедо, а виновникот само неколку месеци по сообраќајката играше оро на местото каде ни го уби синот“.
А се се случило тој кобен април во 2021 година. Алек со моторче тргнал да пие кафе со другарите, по пат со автомобилот се пресретнал со мајка му, но само си мафнале, не знаејќи дека тоа ќе им биде последно видување. Велат, само неколку минути потоа во Алек удира автомобил и тој од лошиот пад починал на лице место.

– Алек со мопедот возел на пат со првенство на минување, а 32-годишната жена му го пресекла патот и детето ни почина на лице место. Алек за два месеци ќе наполнеше 15 години. Два месеци по сообраќајката, додека ние вегетиравме, додека бевме во агонија, додека умиравме од болка, тие вешто си работеле на процесот. Кога сакавме да го земеме записникот не бевме ни свесни дека во моментот ни треба адвокат и дека можеме да го обжалиме, бидејќи очевидци ни кажуваа сосема спротивно, дека немало никакво кочење, туку само го слушнале ударот. Дека трагата од 12 метри на тоа место е стара и воопшто не соодветствува со големината на гумата од мопедот на Алек. А таа трага, тие 12 метри стојат во записникот, наводно се кочело. Едeн од сведоците, кој бил завртен со грб вели дека само го слушнал ударот и кога се свртел го видел Алек како паѓа. Човекот кој возел зад неа ни кажа дека ниту жмигавец не дала. Моторчето и до ден денес го чуваме, мислевме дека детално ќе се испитува, но не. На моторчето остана да стои брзинометарот на 49, како што бил во моментот на ударот. Никој подобро не го познава нашето дете од нас, тој не беше дете кое сакаше да беснее, туку дете кое мајка треба да посака да го има. Додека неговите врсници летно време спиеја, тој стануваше во шест часот наутро и до вечер беше на нива со татко му, бидејќи работевме земјоделие. Неколку години имаше пасија за мотор. И покрај тоа што многу совесно го возеше, и покрај тоа што тој нема никаква вина, ние и до ден денес не можеме да се помириме со тоа што му дозволивме да го купи, А не можеме да се помириме и со тоа што виновникот се уште не е казнет, велат скршени Мирјана и Сашо.
По 11 месеци од несреќата почнало рочиштето. Родителите велат дека жената ниту на денот на несреќата, ниту кога почнало судењето, кога прв пат ја виделе на суд, не им изразила сочуство.
-„Не се чуствувам виновна“, изјави на првото судско рочиште. Занемевме од нечовечноста во облик на жена, која еден ден ќе стане мајка. А што да очекувам од некој кој само неколку месеци по смртта на Алек се шеташе во Дубаи. Уште потрагично е што после Дубаи во кафулето, на истата раскрсницата кај што ми лежеше мртво детето, таа играше оро, славеа 100-ти роденден на дедо и. Замислете, по несреќата адвокатот нејзин рече дека ќе докаже дека таа не е виновна туку трети лица, друг автомобил. А до ден денес трети лица и друга кола не се појави на суд. Обвинуваа некој трет толку години, а сега, сега кога се врати судењето од почеток нема да не чуди ако го обвинуваат нашиот син, раскажаа тажно родителите.

Велат дека она што тие го доживуваат во текот на судењето одново и одново ги убива, но и точно ја отсликува состојбата и довербата во судството од два проценти.
-Од 2021 година се уште трае судењето. Се најави и супервештачење и кога излеговме од судницата луѓе од судот ни рекоа – бркајте луѓе да го прават вештачењето во ваша корист. Ние рековме- како бе така, нели е супер вештачење, нели треба да е релано. Не, ни велат- кој ќе стаса прв до нив тој ќе го добие случајот. Ние сме задоволни од реакцијата на обвинителката, не држи и не треба да држи страна, треба да е реална, каква и што е. До последното рочиште, кое беше пред 20-тина дена, збор не кажавме, а имаме право. Како неми сведоци сме. На последното судење сакавме да кажеме дека ова судење е дупка без дно и повторно не ни беше дозволено. На последното рочиште нашите адвокати побраа изземање на супер вештаците, напишале дека имало пропусти, а не објаснуваат кои се. Се е контрадикторно. А замислете детето е прегазено во населено место, каде има куќи и има камери. Камера има дури и на куќата на нивниот адвокатот, кој живее тука. Ама дента кога се случи сообраќајката не снимале камерите. Веќе видено. Ние ги поминавме сите куќи барајќи камери, сакавме да знаеме како ни загина детето и никој не сака да даде снимка, раскажуваат низ солзи родителите и додаваат:

-Алек беше злато од дете. Не го кажуваме ова затоа што сме му родители. Во Хиподром на трговскиот центар има голем графит за него. Секоја година се оргнизира меморијален турнир во негова чест. Се прави ново игралиште кое ќе го носи неговото име. Кога поминуваме улица луѓе не среќават и ни велат- што златно дете беше, на сите на улица ни кажуваше добар ден. Ни доаѓаа дома луѓе што не ги познаваме и пакетчиња ни носеа, за него, во негова чест. Дете за пример, мајка да посака. Кога ќе дојде април е многу тешко за нас. Еве сега на први април продолжува ново рочиште од судењето, нова агонија, а на 24-ти април ќе се направат пет години откако ни го уби детето. Нема утеха ама барем да има правда, велат тажно и разочарано родителите на крај.
Весна Миленковска
Фото: Приватна архива