Одлуката на Владата за зголемување на минималната плата за 1.800 денари предизвика силни реакции од опозициската партија СДСМ, која ја оцени мерката како „срамна и понижувачка“ за работниците.
„Што можат да направат работниците со само 1.800 денари во услови кога цените на храната и основните продукти постојано растат? Владата на ДПМНЕ нема допир со реалноста и покажува целосна негрижа за животниот стандард на граѓаните“, изјавија од СДСМ.
Од партијата посочуваат дека синдикалната потрошувачка кошница во февруари 2025 година достигнала 63.773 денари, што значи дека дури и со ова зголемување, две минимални плати не можат да ги покријат основните потреби на едно семејство.
„Додека граѓаните се принудени да избираат меѓу храна и плаќање сметки, ДПМНЕ во историски најголемиот буџет не предвиде доволно средства за работниците. Но, затоа има пари за луксузни производи, приватни авиони и непродуктивни трошења на функционерите“, велат од СДСМ.
Партијата исто така ја критикува одлуката на Владата за тоа што за првпат корекцијата на минималната плата била донесена без консултации со синдикатите и работниците.
„Оваа Влада се грижи само за себе и за богатите елити. Нејзината неспособност за само девет месеци предизвика економска катастрофа и сериозно влошување на условите за живот. Наместо да ги штити работниците, Владата ги турка во подлабока сиромаштија“, додаваат од опозициската партија.
СДСМ потсетува дека во нивниот мандат минималната плата пораснала од 8.000 на 22.567 денари и најавува предлог-закон со кој ќе бара нејзино зголемување на 500 евра.
„Тоа е минимумот што ќе им обезбеди на работниците достоинствен живот и покривање на основните трошоци. СДСМ секогаш била и ќе остане на страната на работниците и нема да отстапи од борбата за подобри плати и услови за живот“, порачаа од партијата.