Необичен случај е снимен во централна Италија, поточно градот Латина, а се започнало со 10-годишно момче кое повикало полиција.
Откако вртел 112, дежурниот оператор одговорил, а малото момче рекло: „Би сакал да нарачам пица“, пренесува Tgcom24.
Можеби звучи чудно, но полицаецот во оперативниот центар веднаш сфатил дека има проблем. Го прашал момчето дали е во животна опасност, но не добил одговор.
Повикот останал отворен, а во позадина јасно се слушале врева и врескање. Благодарение на модерната технологија, полицијата ја пронашла локацијата на телефонот и ја идентификувала адресата.
Откако влегле во куќата, затекнале маж како ги тепа сопругата и децата. Тој веднаш бил приведен и сега се соочува со обвинение за семејно насилство.
Подоцна било утврдено дека храброто момче претходно повикало брза помош, но молчело па операторите не ја сфатиле сериозноста на ситуацијата.
Сè се сменило кога ги повикал чуварите на редот и изговорил „шифра“ што беше популаризирана благодарение на социјалните мрежи и телевизијата.
Така, едноставната фраза „Сакам да нарачам пица“ ја направи разликата помеѓу очајот и спасот. Јавноста ја пофали храброста на децата, но и одлучната реакција на полицијата.