Македонските граѓани последните година – две се соочуваат со еден парадокс – за купување солидно половно возило во Македонија денес се бара далеку повеќе пари, а новите возила и понатаму остануваат само за оние со подлабок џеб. Ако некогаш беше можно да се најде пристоен автомобил за 3.000 евра, сега тоа е речиси невозможна мисија. Денес, за автомобил стар десет години потребно е најмалку 7.000 евра, а покрај зголемените цени, значителен товар носат и високите увозни давачки.
Со новите регулативи на Царинската управа, идејата е да се стимулира купување понови и еколошки поефикасни возила, но во реалноста, тоа значи повисоки даноци и акцизи кои значително ја зголемуваат крајната цена на секој увезен автомобил. Дополнително, данокот на моторни возила е една од најбрзорастечките давачки, со наплата која минатата година достигна 43,6 милиони евра – речиси двојно повеќе од 2022 година.
Сепак, статистиката покажува дека македонските граѓани и понатаму многу почесто се одлучуваат за употребувани возила – соодносот на увоз останува 4:1 во корист на половните автомобили. Лани во земјата биле внесени над 41.000 половни возила, наспроти само 13.000 нови. Оваа година трендот продолжува, што јасно укажува дека, и покрај високите давачки, граѓаните се принудени да бараат поекономични решенија.
Расте интересот за електрични и хибридни возила
Во последните години, интересот за електрични и хибридни возила расте, но традиционалните дизел и бензински автомобили и понатаму доминираат на пазарот. Увозот на половни возила, најчесто од Германија, Италија и Франција, останува значаен фактор, но строгите регулативи за емисија на гасови и возраста на возилата играат клучна улога при изборот.
ММС разговараше со сопственик на плац за половни автомобили од Крива Паланка кој вели дека возилата кои ги увезуваат од Европа и ги продаваат се произведени од 2010 година па се до 2021 година.

„Луѓето немаат пари за да купуваат нови возила, па се одлучуваат да купат половни возила за помалку пари. Иако ние ги проверуваме возилата пред продажба, сепак тие се користени, па никој не може да биде сигурен каков проблем може да излезе со автомобилот после одредено време. Најчесто ние продаваме германски возила. Ако евентуално биде донесена одлука да не се продаваат возила постари од 10 години, тоа може да биде подобро бидејќи ќе бидат повеќе зачувани и здрави“, вели тој.
Граѓаните треба да бидат особено внимателни бидејќи на пазарот има многу автомобили кои се со штелувани километри и скриени дефекти. Иако користеното возило навидум изгледа здраво и зачувано, по одреден период на површина излегуваат проблемите кои често можат да бидат фатални и сопственикот да го чинат финансиски многу.
Просечната старост на половните возила е 20 години
Иако се најавува во последните две години, сепак, ниту претходната, ниту,пак, оваа власт засега не изразила намера да ги заостри мерките за увоз на половни возила, односно да го забрани увозот на оние возила кои се произведени пред 2009 година и не ги задоволуваат ЕУРО 5 стандардите. Големите политички партии, пак, само декларативно се залагаат за намалување на штетните емисии од издувни гасови на старите возила.
Според податоците од МВР, просечната старост на автомобилите што ги возат македонските граѓани е 20 години. Статистиките покажуваат и дека преовладуваат возила на дизел гориво. На пример, во 2022 година во МВР биле регистрирани 388 илјади дизел возила, наспроти 211 илјади на бензин.
Од О2 Иницијатива велат дека Државата треба да го забрани увозот на користени возила постари од 10 години и под ЕУРО 5 стандард во земјава.
„Возилата испуштаат повеќе од 200 токсични хемиски соедниненија, кои постарите возила ги емитираат во поголема мера. Овие возила, особено со помината поголема километража, покрај зголемената емисија на ПМ честички, кои ги активираат проинфламаторните и канцерогени патишта во организмот, и другите штетни емисии на гасови, имаат зголемени емисии на многу токсичните јаглеводороди, меѓу кои бензенот, толуенот, етилбензенот, ксилените, бензо-а-пиренот. Ова се генотоксични, канцерогени и мутегени супстанции, многу опасни по здравјето на луѓето, особено децата. Граѓаните кои пешачат или возат велосипед покрај сообраќајниците, кои чекаат на пешачките премини, се најизложени на овие токсични супстанции. Особено изложени се децата, бидејќи овие емисии се испуштаат во висина на нивните лица и тие најдиректно ги вдишуваат“, велат тие.
За тоа како државата треба да најде баланс помеѓу намалувањето на давачките за увоз на возилата и контрола врз тоа што се увезува, тие се децидни дека истото треба да се направи со воведување на минимум стандард на тоа што го увезува, како ЕУРО 5 за користени и ЕУРО 6 за нови и поминување на европски стандард на технички преглед на возилата, каде навистина емисиите ќе бидат согласно ЕУРО 5 стандардот на користеното возило.
„Во јануари имавме средба со претставници од Владата во врска со нашето барање да се забрани увозот на користени возила постари од 10 години и под ЕУРО 5 стандард во земјава, а увозот на нови возила да е со минимален ЕУРО 6 стандард. Ни беше кажано дека ќе донесат одлука да се забрани увоз на користени возила под „ЕУРО 5“ стандард“, додаваат од О2 Иницијатива.
Владата не отстапува
Од Владата пак велат дека нема измена на Законот за данок на моторни возила и подзаконските акти во делот кој се однесува на пресметување и плаќање на данок на моторни возила.
„Bo однос на политиките за привлекување на странски инвестиции во делот на автомобилската индустрија, во моментов во тек е подготовка на предлог-измени на Законот за царинска тарифа, каде е предвидено намалување на царинските стапки на одредени суровини и репроматеријали во делот на индустријата, вклучително и автомобилската индустрија. Владата во овој момент размислува како да привлекува и друг вид на инвестиции кои се однесуваат и на други дејности“, објаснија од таму.
За влијанието на увезените возила врз загадувањето, тие потенцираа дека Министерството за животна средина и просторно планирање, емисиите од националниот возен парк ги пресметува врз основа на анализа на детални податоци за регистрирани возила кои се добиваат од базата на Министерството за внатрешни работи, секоја календарска година.
Кристијан Трајчов
Фото: Вангел Тануровски