Подземниот премин „Скопјанка“ е жив хорор! Луѓето кои секојдневно поминуваат и дуќанџиите велат дека години наназад константно регирале во Општина Аеродром, Пуик и Град Скопје, но секогаш проблемите си ги префрлале едни на други и никогаш не ги решиле.
Сопствениците на локалите, оние малкуте што останале, велат дека се грижат колку можт и на свој грб се справуваат колку што можат.

-Но, проблемите се бројни и тоа да почнеме од осветлувањето, подземен премин, јавен премин, единствен начин на преминување на булеварот од една на друга страна. Нема пешечки премин. Полиција знае често тука да биде поставена и да казнува или да ги упатува граѓаните преку подземниот премин да поминуваат улица, не на булевар. А подземниот премин 25 години не добил ниту една неонка ниту екипа од ЕВН дошла да стави нови неонки, да се осветли преминот, луѓето да се чувствуваат безбедно кога поминуваат. Сопствениците на локалите самостојно организираат и плаќаат од свои средства за да има светлина, иако ЕВН во секоја сметка става надоместок за улично осветление. Состојбата е алармантна не само во подземниот премин туку и во ТЦ Скопјанка. За жал никој не доаѓа ни на увид, ниту има некоја интервенција, велат дуќанџиите.

Дуќанџиите реагираат и на хигиената. Велат дека подземниот премин е јавен простор, како и секоја улица, парк во градот но, никогаш во изминативе 25 години не доаѓала служба од ЈП Комунална Хигиена за да изметат или да избришат, односно дека секогаш сопствениците на локалите го прават тоа и се организираат да се исчисти иако минувачите се тие кои фрлаат ѓубре.
-Иако локалите во подземниот премин немаат санитарен јазол, освен јавен тоалет што е на приземје, редовно се соочуваат со проблеми од типот запушена шахта, расипани пумпи и слично и недолжни препуштени само на себе се обидуваме да најдеме решение како да се справиме со непријатната миризба која се шири во преминот, со изливање на вода од тоалетите… Неверојатно е како објектите без санитарен јазол треба да решаваат проблеми врзани со шахти од домаќинствата. Повторно никој од надлежните не знае како да се реши проблемот и кој е одговорен за ова, велат дуќанџиите и додаваат:

-Безбедноста на минувачите е нарушена бидејќи стаклениот дел од подвозникот е искршен и константно паѓаат парчиња стакло, особено кога времето е ветровито. Навистина подземниот премин 25 години има проблеми со безбедност, хигиена и поплави и никој за тоа не се грижи, велат дуќанџиите.
(В.М.)