Премиерот Христијан Мицкоски му додели стипендија на херојот Јован Костадинов, кој спасуваше деца во пожарот во дискотеката во Кочани.
Тој на својот Фејсбук профил сподели видео и фотографии од средбата.
-Ова ти е од една општествено одговорна компанија „Алклоид“, месечна стипендија од 18.000 денари во средните четири години. Ти си сега матурант, рече Мицкоски и го праша каде и што учи.
-Во Виница во „Ванчо Прке“, општо училиште ама јас сум сообраќајна струка, рече Јован.
-Таман да одиш на Машински факултет, рече премиерот.
Денес се сретнав со Јован Костадинов, млад човек од Виница, кој во најтешкиот миг покажа што значи храброст, одговорност и човечност, напиша тој во друг пост објавувајќи фотографии. .
-Јован, со само 19 години, влезе во запалениот објект во Кочани и спаси 21 живот. Без размислување, со голема присебност и посветеност, тој направи нешто што малкумина би се осмелиле да го сторат. Јован не е само херој на оваа трагедија, тој е симбол на една нова генерација која знае да направи разлика. Од неговиот чин се учи како да се биде човек, како да се биде достоинствен и несебичен во моментот кога тоа најмногу значи.
Бев информиран дека ќе биде доделена стипендија за Јован Костадинов, како знак на признание за неговата храброст и човечност. Алкалоид, како општествено одговорна компанија, ја презеде оваа иницијатива и на тој начин покажа дека ги препознава и вреднува ваквите светли примери. Благодарност до сите што помагаат во овие тешки моменти за државата и народот. Јован е светла точка во деновите на темнина. Неговото име ќе остане запаметено, а неговиот пример треба биде уште поголема инспирација за да бидеме подобри, посилни и похрабри граѓани на нашата Македонија, напиша премиерот.