САД можат да објават банкрот по државниот долг во периодот од средината на јули до почетокот на октомври, ако Конгресот не го покачи плафонот по држаниот долг, сметаат аналитичари од Центар за двопартиска политика (Bipartisan Policy Center), објави денеска „Њујорк тајмс“.
Според податоците од веб-страницата на Министерството за финансии, државниот долга на САД на 24 март достигнал 36,22 трилиони долари.
-Двопартискиот политички центар предвидува дека денот Х (икс) — опис за периодот кога Министерството за финансии на САД нема да може целосно и навремено да ги исполнува своите обврски — ќе настапи меѓу средината на јули и почетокот на октомври“, се вели во соопштението.
Аналитичарите прецизираат дека точниот датум на денот Х најмногу ќе влијае приходот што државата ќе го добие од наплатата на даноците во април. Според податоците на центарот, иако е малку веројатно дека во даночните приходи ќе има значително отстапување од очекувањата, и постои можност ризикот од денот Х да се појави уште на почетокот од јуни.
Според центарот, тинк-тенк лоциран во Вашингтон, прогнозите за банкрот може да зависат и од почетокот на сезоната на урагани во јуни, состојбата на економијата, приходите од новите царини за увезена стока, како и измените во роковите за планирани трошења што ќе ги донесат Конгресот и Одделот за владина ефективност (ДОГЕ). Во соопштението на центарот се потенцира дека поенцијален банкрот може да има ако американскиот Конгрес не преземе навремени дејствија за покачување на плафонот на државниот долг.
-Законодавците немаат слобода за одложување на одлуката по прашањето со лимитот на државниот долг. Конгресот има многу работа во 2025 година, но моментално, највисок приоритет треба да биде решавањето на ова прашање пред да настапи денот Х. Историјата покажа дека дури и приближувањето до денот Х може да предизвика пазарна нестабилност, зголемување на трошоците за задолжување и намалување на довербата во фискалната стабилност на САД, изјави Шај Акабас, директор за економска политика на центарот.