Додека од странските болници се очекуваат добри вести за четворица млади штипјани кои настрадаа во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, Советот на општина Штип за в петок закажа седница, на која се очекува одлука за солидарна помош на настраданите и нивните семејства. Штип загуби пет животи во трагедијата во Кочани на 16 март.
Утре пак ќе заседава Локалниот совет за превенција. Како што најави градоначалникот Иван Јорданов, ќе бидат повикани повеќе носители на функции, бидејќи како што рече „сите ние имаме одговорност да ги решаваме, а не да ги создаваме проблемите“.
-Стотици инспектори да поставиме, не можеме да го спречиме девијантното однесување. Утре преку Локалниот совет за превенција ќе бидат повикани сите институции во насока за координирано да делуваат со граѓаните. Имаме поддеднаква одговорност се’ што се јавува како недостаток заедно да го отстраниме, изјави градоначалникот Иван Јорданов.
Деновиве низ институциите и колективните згради се прави проверка на функционалноста на одговорот од катастрофи. Не еднаш се пишувало и кажувало за украдените хидранти, узурпираните заеднички простории во случај на катастрофи, непроодноста на одредени улици за противпожарните и амбулантните возила.
Трагедијата од Кочани потсети на децениската негрижа и узурпација од поединци ја јавниот прстор и непознавањето на системот за колективен одговор, кој, како што покажале многу настани од минатото, спасува животи.
В.К.