Преку Асоцијацијата за организирање настани (ИВАП) покрената е донаторска кампања за 13-те музичари кои настрадаа во во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март. За оние кои се лекуваат и за семејствата на настраданите може да се донира на страната ecrowd.mk
-Никогаш за ништо не сум молела, дојде и тој ден. Преку Асоцијацијата на ивент индустрија ИВАП покренавме донаторска кампања за нашите 13 колеги загинати или повредени во ужасната трагедија во Кочани. За Андреј, Панчо, Сара, Ана, Ѓорѓи, Филип, Александар, Игор, Александар, Мартин, Стево, Горан, Виктор. Нашата индустрија е изградена врз тимска работа, доверба и меѓусебна грижа. Време е да покажеме дека стоиме еден покрај друг, не само во моментите на успех, туку и тогаш кога е најтешко. Во оваа група има музичари, фотограф, тонец, рентал компанија, технички лица. Сите ние ја делиме истата пасија, а тоа е да создадеме магија на сцена. Дел од нив лично ги познавам. Со Сара и Ана требаше да ги почнеме пробите за „Глумците пеат“, со Игор Жути го работевме БЕАМ пред неколку недели, Штеф има рентал компанија и заедно се боревме во короната. Навистина почувствував дека треба да покажеме заедништво и да не дозволиме да се сами во оваа битка. На нивните деца и семејства сега им треба поддршка. Свесна сум дека нашата акција е можеби финансиски симболична, но човечки огромна. Во име на сите колеги од ИВАП, ви благодарам на сите од срце за секое споделување, донација или поддршка, повика Маја Бабиќ пред неколку часа на нејзиниот Фејсбук профил.
Маја пред еден час објави дека за само четири часа собрани се првите 100.000 денари.
-За само четири часа собрани се првите 100 илјади денари! Браво Македонијо! Одиме понатаму, до целта и повеќе од тоа! Голем број на колеги донираат, фелата е жива и солидарна! Благодарност до сите! Донирај на https://ecrowd.mk/…/3ab1ae00-fc76-4720-970a-2b7fa08e6d09, напиша таа.