Во денешното издание на емисијата Стадион, професорот Гордан Калајџиев даде свој коментар за трагедијата која се случи во Кочани. Тој рече дека не може државата да ги затвара полициските службеници и началници од минатото, а сегашните само да бидат суспендирани.
За борбата против криминалот и корупцијата, тој рече дека конкретно премиерот треба да ги остави обвинителите и судството да работат.
„Зошто премиерот не треба да ја води борбата со мафијата? Тој има судир на интереси, тој е лидер на политичка партија. Мотив за влегување во политика кај нас е корупција. Луѓето свесно влегуваат во неа за да можат да се вработат, за да добијат тендер и слично. Така функционира политиката кај нас уште од независноста. Ако сака премиерот сака да покаже вистинска борба против корупција, не може тој да се бори со неа, тој не ни знае да се бори со неа. Тој треба да ги гледа цените во маркетите и нафтата, а не ова. Не е случајно што обвинителот е самостоен орган, исто како и судот. Тој треба да дозволи да се избере обвинител кој ќе биде вистински професионалец. Се додека ги бираат по своја мерка, се е фрлање прашина во очи“, изјави Калајџиев.
Во однос на тоа дали врз него има притисок поради неговите размислувања во јавноста, тој откри дека добивал закани поради тоа што го изразува како став.
„Јас добивам закани, лични на Месенџер, ми се закануваат дека ќе ме згазат на улица. Не дека ме плашат таквите закани, но не се пријатни. Највеќе ме загрижува што дури сестра ми, но и лични пријатели ми велат да намалам со објавување на своите ставови јавно. Тоа ми кажува дека до каде ни е степенот на демократијата, ако јас како професор по право не можам да го кажам она што го чувствувам“, објасни тој.
Гледајте ја целата емисија Стадион на линкот: