Македонските психолози имаат искуство во давањето помош и психолошка поддршка на лицата кои настрадале во различни несреќи, со оглед што досега имаше неколку поголеми трагедии како поплавата во Стајковци, големите пожари во источниот дел од државата, помагањето на настраданите во земјотресот во Турција и слично, истакнува претседателката на Комората на психолози на Македонија, Мирјана Јовановска Стојановска во интервјуто за МИА. Сепак, трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани е поинаков случај од досегашните, не само поради големиот број настрадани, туку и затоа што дојде како шок и траума за сите граѓани во државата и пошироко.
-Сето тоа досега беше некако поизолирано, со помал број луѓе, а ова е нешто што ја погоди целата земја. Јас сум сигурна дека не е само Кочани, не е само Штип, не се само околните места, туку мислам дека сите граѓани во нашата држава се погодени од ова. Ќе помине време и полека, полека ќе ни треба на сите да седнеме и за поразговараме, затоа што гледам во моментов колку помош им треба на помагачите. Договорив со пожарникарите и со други екипи, оние што вечерта работеле во расчистување, помагале и спасувале, самите бараат да дојдеме и да разговараме со нив затоа што не се чувствуваат добро после тоа, вели Јовановска Стојановска во интервјуто за МИА.
После тој шок за сите, по загинувањето на младите луѓе, Јовановска Стојановска вели, поминуваат денови и некако луѓето ја имаат постојана таа мисла и идеја, порака дека се случи трагедија.
-Утрешниот погреб ќе биде како нова траума, не ретрауматизирање, значи не повторување на истото, туку сега е нешто ново затоа што погребите ќе бидат заеднички. Можеби од една страна е нешто добро затоа што кога ќе бидеме заедно, едни со други, ќе се поддржиме и ќе си помогнеме. Јас се надевам дека сето тоа така ќе излезе, човечки и достоинствено да си помогнеме едни на други, да го поминеме ова, изјави Јовановска Стојановска.
Јовановска Стојановска, посочува дека од понеделник ќе почнат со работилници и организирана психолошка помош во неколку училишта и градинки, кои веќе побарале помош.
За тоа како настанот, тагата и бесот, лошите чувства во домот влијае на децата, за тоа како да се процесираат сопствените емоции и да се создаде безбедна атмосфера и други насоки за справување со несреќи, во целото интервју со претседателката на Комората на психолози на Македонија, Мирјана Јовановска Стојановска.
Фото: МИА