Пискотници ги разбудија кочанчани рано изутрината по големиот пожар во дискотеката „Пулс“, во кој се’ уште се бројат жртвите, кои се десетици. Голем е бројот и на повредени. Дел се пренесени во болниците во Штип и Кочани, дел во Скопје. Некои од родителите се пред кочанската болница, барајќи ги своите деца, откако не успеале да ги добијат на телефон. Се споделуваат фотографии на овие млади, со телефонски броеви, преку кои се бара каква било инфрмоација за нивните најблиски.
Некои починале од гушење, по вдишување на чад, други изгореле.
На друг крај од болницата, во мртовечницата, каде нема места да се соберат телата на сите загинати, па наредени пред објектот се врши препознавање. За некои од телата ќе биде тешко препознавањето. Црвениот Крст прави списоци на загинати.
Трагедијата е огромна, а хаосот уште поголем, бидејќи во моментот на избувнување на пожарот, околу 3 часот рано изутрината, имало околу 1500 посетители на дискотеката на концерт на ДНК. Се работи за главно млади луѓе од Кочани, Штип, Виница и другите околни места.

(Фотографии од социјалните мрежи со кои се бараат најблиските)
Пожарот, неофицијално настанал од светлечки ефекти или употреба на пиротехника.
На помош во гаснењето на пожарот се повикани сите пожарникарски единици од регионот и тие кои можат да помогнат. Во соседниот Штип изутрината се слуѓаат само сирени на Итна помош , полиција и полициските хеликоптери.
Засега нема официјални информации, освен таа што ја пренесовме од Обвинителството, дека бројот на жртви и повредени во пожарот се утврдува, сите служби се на терен и се врши увид. Од сите надлежни кои денеска ги контактиравме, упатуваат на првичните официјални информации, кои треба да ги соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој е на лице место во Кочани. Се очекува таму да пристигне и премиерот Христијан Мицкоски.