Компанијата „Кранфилд Фаундри”, која како странска инвестиција по многу реакции отвори леарница во индустриската зона Неокази кај Пробиштип, со одлука на Владата од јануари годинава, треба да ја врати целокупната државна помош и казна од половина милион евра. Одлуката е заклучување на еден подолг процес, кој според документацијата се води речиси две години, откако леарницата не ги реализирала планираните инвестиции во висина од 20 милиони евра, според Договорот за државна помош со важност до 31.07.2022 година. Инвестициите се еден од критериумите за доделување на државната помош.
Во писмениот одговор од Владата појаснуваат дека во конкретниот случај не станува збор за раскинување на договорот за доделување на државна помош со компанијата „Кранфилд Фаундри” ДООЕЛ Скопје.
-Имајќи ја предвид неможноста компанијата навремено да ги исполни преземените договорни обврски во утврдените временски рокови поради состојбата предизвикана од пандемијата КОВИД-19, а која како резултат на забавување на глобалната економија имаше директно влијание на работење на „Кранфилд Фаундри”, Владата тогаш во текот на 2021 и 2022 година склучи два анекси кон договорот, со цел да излезе во пресрет на компанијата и во два наврати го пролонгираше временскиот рок за исполнување на договорните обврски. Па така, наместо првичниот рок за исполнување на обврските од 31.07.2020 година, компанијата доби дополнителни две години за реализирање на минималната инвестиција, односно до 31.07.2022 година, стои во одоговорот од Владата.
Сепак, и покрај добиените рокови, „Кранфилд Фаундри” не успеала да ги реализра планираните инвестиции и договореното. Поради тоа, Владата донела одлука со која бара исплата на договорна казна во еднократен износ од 500.000 евра, како и поврат на вкупниот износ на примена државна помош во износ од 101.056.278 денари.
Овие пари пробиштипската леарница требаше да ги исплати до 31.01.2024 година и тоа е одлука што е донесена на 28.11.2023 година.
-Но, по истото не беше постапено. На 21.01.2025 година, по претходно доставено барање од страна на компанијата за промена на динамиката за поврат на средствата, Владата донесе Одлука со која се утврди нова динамика за одложено плаќање на средствата, појаснуваат од Владата.
За тоа какви се плановите и како ќе се постапи по владината одлука, одговор побаравме во Компанијата „Кранфилд Фаундри”. На нашите прашања не добивме одговор. Во неофицијалните разговори во Пробиштип, впечатокот е дека ретко кој знае за обврски што ги има компанијата кон државата. Како странска инвестиција, како и сите други кои работат во индустриските зони, и „Кранфилд Фаундри” покрај државната помош, имаат и повеќе други олеснувања .
„Кранфилд Фаундри” вработува 160 работници. На интернет и социјалните мрежи на компанијата може да се види дека редовно се одвива работниот процес, а неодамна бил прогласен и работник на месецот. Во податоците за конпанијата на корпоративниот сајт пишува дека „Кранфилд Фаундри“ ДООЕЛ Скопје е компанија основана со странски капитал и регистрирана во Република Северна Македонија во 2014 година со цел производство на лиење од сиво и еластично железо.
„Имавме за цел да изградиме една од најмодерните леарници во Европа и успеавме во тоа. Нашите први клиенти веќе добија производи произведени со опрема купена од нашиот инженерски партнер GEMCO – светски лидер од Холандија, специјализиран за изградба на нови леарници“, пишува за компанијата.
В.К.