Адвокатот на Џеј Зи, Алекс Спиро проговори за последната тужба на американскиот рапер. Пред една недела Џеј Зи поднесе противтужба кон неименувана жена која претходно го обвини дека ја силувал.
– Вистината мораше да излезе целосно во јавноста. Оваа личност не може да се крие од реалноста, бидејќи тоа обвинение е лажно, истакна Спиро во интервју.
На 4 март, Шон Кори Картер, со уметничко име Џеј Зи, ја тужеше жената која го обвини дека, заедно со раперот Диди, ја силувал кога таа имала 13 години. Во противтужбата, раперот го прозива и нејзиниот адвокат Тони Базби, тврдејќи дека изгубил 20 милиони долари поради нив двајцата.
„Адвокатот ја натерал (обвинетата) да ја продолжи лажната приказна за нападот на г-н Картер за да добие голема сума пари“, се наведува во тужбата.
Џеј Зи, исто така, тврди дека неименуваната жена и Базби, наводно, скроиле заговор против него, иако знаеле дека нивните тврдења се лажни. Во декември лани, тужителката изјави дека има некои нелогичности во нејзиното сеќавање на настаните од забавата по доделувањето на „Ем-ти-ви видео музичките награди“.