„Д’ Фестивал“ со нов дом! Ова денес го објави „Пасворд продукција“, која е организатор на еден од најголемите фестивали во државава, кој со години се одржува во Дојран, впрочем и од таму почна.
-По години магични изгрејсонца, музика под ѕвездите и слобода на брегот на Дојран, време е за ново поглавје. Со срце полно љубов и почит, кажуваме огромно благодарам на прекрасните Дојран и дојранчани за сите незаборавни моменти, за гостопримството со кое својот град го направија местото каде што од 2011 година нашите соништа се спојуваа со реалноста. Но, полека и сигурно нашата Д заедница расте, и како дете што го напушта својот дом за да ги следи соништата, така и „Д’ Фестивал“ тргнува по нов пат, рекоа организаторите во објавата на Фејсбук, во која понатаму стои:
-Ова лето, за јубилејната 15-ка, нашиот фестивалски караван продолжува кон Штип – опкружени со планини и река, под Исарот е новата дестинација за најпозитивната фестивалска дружина, нов простор за магија и ново платно за испишување на највозбудливите фестивалски приказни, информираа организаторите.
ММС дознава дека фестивалот ќе се одржи на просторот зад Исарот, покрај пешачката патека која води кон Ново Село до паркот на милениците, кој лани во ноември беше уреден со средства од УСАИД. Таму, според информациите од општината ќе биде поставен кампот со паркинг. Местото е на самиот брег на реката Брегалница, што го посетуваат пешаците, кои ја користат пешачката патека.
ММС побара подетални информции од „Пасворд“, но од таму ни рекоа дека детали ќе има дури во понеделник, бидејќи главниот бил на пат.
Ова информација беше добволна на Фејсбук да се прошират гласини дека преселбата на „„Д’ Фестивал“, односно заминувањето од Дојран, е резултат на кавга на организаторот со градоначалникот на Дојран, Анго Ангов.
ММС стапи во контакт со градоначалникт, кој се зачуди дека фестивалот ќе се организира во Штип.
-Искрено ни јас не знам. Конкретно во ноември побараа поддршка да аплицираат во Министерство за култура и ние ја дадовме. Мислам и дека ја добија. Подолго време имавме некои натегања. Имаа побарувања, но како домаќини што можевме тоа помогнавме, толку ни се капацитетите. Наоѓавме начин сите да бидат задоволни. Ништо не ни кажалале, не знаевме дека заминуваат во Штип. А имаат согласност од нас летово да го организираат повторно во Дојран. Секогаш беа добредојдени, се им дадовме бесплатно, користење и струја и се. По 400-500 илјади денари плаќавме струја. Искрено ние не можеме на многу трошоци да се изложуваме. Но, изборот е нивен. Сметам дека прават голема грешка. Но, тие си знаат. Кај возрасните немаше позитивни апекти, реагираа, но и тоа некако го надминавме. Секогаш имаа забелешки на полицијата дека им правеле пречки во организација, бидејќи имаше постојани контроли за дрога. Пак, ќе кажам, нивен избор е, нивна одлука тие си знаат, вели за ММС градоначалникот на Дојран, Анго Ангов.