Меѓународниот аеродром Скопје повторно се стекна со признание и награда за квалитетот на аеродромските услуги за 2024 година за Најпријатно аеродромско искуство во Европа, зацврстувајќи ја својата репутација како лидер во патничкото искуство при патување преку аеродромот.
Како што информираат ТАВ Аеродроми, аеродромите добитници на наградата беа откриени вчера од страна на Меѓународниот совет на аеродроми (Airports Council International – ACI), со истакнување на аеродромите кои се извонредни во обезбедувањето непречено, ефикасно и патување без стрес.
– Меѓународниот аеродром Скопје се стекна со награда за квалитет на аеродромските услуги (ASQ Awards) за 2024 година во категоријата „Најпријатно аеродромско искуство“, а изборот беше направен врз основа на повратните информации од ценетите патници кои што ги пополнуваа анкетите за задоволство од квалитетот на аеродромските услуги, преку кои се мерат клучните индикатори како што се ефикасноста на пријавувањето на патници и багаж (чекирањето), безбедносната проверка, снаоѓањето низ аеродромот, како и целокупната леснотија при движење низ аеродромот. Оваа награда за квалитетот на аеродромските услуги, која скопскиот аеродром ја добива по десетти пат, ја одразува посветеноста на ТАВ Македонија кон иновации, ориентираност кон клиентите и постојаното усовршување, се вели во соопштението.

Генералниот директор на ТАВ Македонија Неџат Курт истакна дека оваа награда е доказ за вложувањето во подобрување на квалитетот на аеродромските услуги.
– Како ТАВ Аеродроми, како аеродромски оператор и како ТАВ Македонија, подружница која управува со македонските аеродроми, чест ни е да ја добиеме и да ја прославиме десеттата награда за квалитет на аеродромските услуги за Меѓународниот аеродром Скопје, а овој пат во категоријата за Најпријатно аеродромско искуство. Ова признание ја рефлектира нашата непоколеблива посветеност да обезбедиме беспрекорно и релаксирано аеродромско искуство на нашите патници при нивното патување преку аеродромот. Среќни сме што нашите патници, давајќи ги своите повратни информации преку анкетите за задоволството од квалитетот на аеродромските услуги спроведени на излезите на скопскиот аеродромот, уште еднаш ја препознаа напорната работа на нашиот посветен тим, чии напори обезбедуваат непречено работење, ефикасни висококвалитетни аеродромски услуги и средина погодна за патниците. Оваа награда е доказ на нашето вложување во подобрување на квалитетот на аеродромските услуги и нашата посветеност да обезбедиме искуство од светски ранг. Остануваме посветени на усовршување на аеродромското искуство и поставување нови стандарди за задоволството на патниците, изјави Курт.

Неодамна на скопскиот аеродром воведена е лента за брзо поминување, пунктови за самостојно оставање багаж, места за препакување багаж, модерен систем за ракување со регистриран багаж, зен-кучето на скопскиот аеродром како иновативната иницијатива, музички изведби, надградени и подобрени знаци низ аеродромскиот периметар и во терминалната зграда за информации за патниците, стана „тивок аеродром“ со што се намалува и бучавата на аеродромот итн. Сето ова, како што се наведува, придонесува кон исполнување на очекувањата на патниците во однос на квалитетот на аеродромските услуги, а во исто време го збогатува искуство при патување преку аеродром притоа правејќи го незаборавно.
Меѓународниот аеродром Скопје припаѓа во ASQ панел од 20 аеродроми, во категоријата аеродроми во Европа со големина од 2-5 милиони патници годишно. Покрај Меѓународниот аеродром Скопје, другите аеродроми во овој панел се аеродроми во Италија, Шпанија, Португалија, Обединетото Кралство, Норвешка, Кипар, Романија, Естонија, Литванија, аеродромот во Загреб и аеродромите Тбилиси – Грузија и Милас-Бодрум – Турција, кои се исто така управувани од ТАВ Аеродроми.

Изминатата 2024 година означи пресвртница за ASQ програмата, со пополнети речиси 700.000 анкети, а повеќе од половина од патниците во светот минуваат низ аеродроми на кои се спроведува оваа програма, што уште повеќе ја нагласува клучната улога на програмата во обликувањето на глобалните стандарди за аеродромски услуги. Рекордни 181 ASQ награди се доделени на 95 аеродроми ширум светот, препознавајќи и признавајќи ја нивната посветеност на исклучително патничко искуство. Според квотата на ASQ-програмата, минатата година на Меѓународниот аеродром Скопје вкупно 1.408 патници биле анкетирани, односно теренските агенти кои го спроведуваат ASQ-анкетите интервјуирале по најмалку 350 патници секој квартал.
Наградите за квалитет на аеродромските услуги, ASQ наградите, се најпрестижните почести во воздухопловната индустрија за квалитетот на аеродромските услуги, врз основа на директни повратни информации од патниците. Ова признание го зајакнува статусот на Меѓународниот аеродром Скопје како регионален и глобален лидер за лесно и пријатно патување.