„Минималното“ зголемување на цената на струјата во јануари, за фирмите – мали потрошувачи на струја беше цели 13,52 отсто. И додека за домаќинствата со првата најава на цената од јануари се нагласуваше тоа минимално од 0,6 – 2,4 отсто во блоковите, цената за компаниите речиси и да не се споменуваше. Се’ до добивањето на сметките за струја.
Во особено студениот јануари, малите потрошувачи реагираат дека добија фактури со значајни износи за потрошена електрична енергија, што дополнително притиска на цената на нивните производи и воопшто врз нивната работа. Очекувани, високи сметки почнуваат да стигнуваат и за февруари.
Направивме преглед на менувањето на цените последните две зголемувања:
Електрична енергија 01.07.2024 – 31.12.2024 година:
АВТ – 13.3762
АНТ – 13.3762
Надоместок за преност и дистрибуција 01.07.2024 – 31.12.2024 година:
АВТ – 2.3032
АНТ – 2.3032
Електрична енергија 01.01.2025 – 30.06.2025 година:
АВТ – 15.1845
АНТ – 15.1845
Надоместок за преност и дистрибуција 01.01.2025 – 30.06.2025 година:
АВТ – 2.1418
АНТ – 2.1418
Вкупна цена 01.07.2024 – 31.12.2024 = 15.6794
Вкупна цена 01.01.2025 – 30.06.2025 = 17.3263
Цената на киловат час е определена, но она што може да се направи според Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) е малите потрошувачи да се преселат на слободниот пазар. Ова беше одговорот што го добивме на поставените прашања.
-Со оглед на тоа дека пазарот на електрична енергија е либерализиран, малите потрошувачи имаат избор да одберат или го променат снабдувачот доколку не се задоволни од цената од универзалниот снабдувач. Инаку, цената на слободниот пазар е поконкурентна во однос на онаа што ја нуди универзалниот снабдувач за малите потрошувачи и истата во моментот и во изминатата 2024 година е пониска, одговорија од РКЕ.
Од Регулаторната комисија потсетуваат дека „универзалниот снабдувач ЕВН Хоме преку домашниот производител ЕСМ обезбедува струја по значајно поевтина цена од онаа на берзите и користењето на истата е намената со приоритет кон заштита на стандардот на домаќинствата“.
Меѓутоа, некои од малите потрошувачи објаснуваат дека преминувањето од од еден на друг снабдувач не е така едноставно. Компаниите со договор се обврзуваат на период на пример од една година. Што значи, ако некој склучил договор лани во ноември со еден снабдувач, доколку сака да премине во март на некој друг, треба да плати штета од 25 отсто од претходно остварената месечна потрошувачка на струја во времетраењето на важност на договорот, односно до ноември 2025 година.
Во разговор со претставници со една од стопанските комори објаснуваат дека тоа е така, бидејќи команиите трговци на струја закупуваат количини предвреме и треба да прават планови за снабдување. До нив нема стигнато реакции од малите потрошувачи.
Сепак, останува можноста за приговори на фактурите за потрошена струја. До РКЕ од почетокот на 2025 година ( заклучно со 21.02.2025 година) се пристигнати 3 приговори за фактури од правни лица. За нив постапката е во тек.
Струјата чини значаен процент во работењето на малите компании, а со тоа и врз оформувањето на крајната цена на нивните производи и услуги. Дека не е само обична реакција од мали компании, кои патем, во Македонија се во голем број, зборува податокот дека 80.000 вработени немаат земено јануарска плата.
В.К.