Организаторите на Евровизија сакаат Селин Дион да биде специјална гостинка на финалето на натпреварот во Базел во мај.
Иако се водат преговори, сè уште ништо не е потврдено, пред се поради нејзината здравствена состојба – пејачката со години се бори со синдромот на вкочанета личност, што го отежнува планирањето на настапите, пренесува ало.рс.
И покрај нејзината болест, Дион минатата година присуствуваше на свеченото отворање на Олимписките игри во Париз и настапи во Саудиска Арабија.
Таа победи на Евровизија во 1988 година претставувајќи ја Швајцарија со песната Ne Partez Pas Sans Moi, која и помогна да изгради глобална кариера.
Оваа година Швајцарија ќе ја претставува 24-годишната Зое Ме, пејачка позната по двојазичните песни на француски и германски. Нејзината натпреварувачка песна ќе биде објавена на 10 март.
Евровизија, гледана од повеќе од 150 милиони гледачи, ќе се одржи од 10 до 17 мај во Базел.