Новогодишна честитка испратена во декември од Скопје до скопска адреса стигнала во средината на февруари. Не е виц, не е мит, туку вистина што се провлекува последните години низ кажувањата на граѓаните. И не се само честитките. Државната пошта многупати е повикувана на одговорност за разноразни пратки, писма, особено службената достава, која решава дури животни ситуации.
Компании реагираа до ММС со докази како пратки од еден во друг град стигнуваат доцна или на погрешна адреса, а државната пошта не презема одговорност за грешката, па пратките фирмите ги испраќаат одново, што повторно им се фактурира како нова услуга од поштата, иако станува збор за повторување на истата услуга која претходно не била извршена.
Документи за лекување, апликации за вработување, документи за уписи на студии и програми, граѓаните ги праќаат по такси, автобуси и луѓе, зашто не се осмелуваат важна документација да ја испратат по пошта, макар и до главниот град, некогаш на само 50 километри растојание.
Дополнително со појавата на Е-трговијата во регионот на Западен Балкан доставата и логистиката се издигнаа меѓу најголемите фактори што влијаат врз задоволството на потрошувачите и конкурентноста на бизнисите. Според најновиот извештај за е-трговија изработен од Асоцијацијата за е-трговија со поддршка на НЛБ, е-трговците во регионот се согласуваат дека клучните проблеми во доставата се поврзани со брзината, високите цени, доверливоста на курирските услуги и ограничените опции за испорака.
Процесот на достава вклучува повеќе фази – од обработка на нарачките, преку пакување и транспорт, до конечното испорачување на производите. Навременоста и сигурноста на овие услуги се критични за успехот на онлајн продажбата. Според податоците, квалитетот на логистичките услуги во регионот сè уште не е на задоволително ниво.
Според последните податоци на Универзалната поштенска унија (UPU), земјите од Западен Балкан не достигнуваат високо ниво на поштенски развој. Србија е најдобро рангирана со индекс PDL 7, додека Македонија, Албанија и Црна Гора се под PDL 5, што укажува на значителни слабости во оваа област.
Новите се позиционираат, Пошта се трансформира – се’ уште
Едноставното толкување би било дека новите пошти кои никнуваат како печурки после дожд, не одговорија целосно на потребите на граѓаните, додека најстарата – Пошта на Северна Македонија, „се’ уште се трансформира“. Со години не се обезбедуваат средства за работа, не се креираат услови за работа, друштвото има старосна структура над 55% кои се 4 до 5 години пред пензија и веќе полека се намалува бројот на вработени во технолошкиот процес.
Боро Велигденов, претседател на Синдикат на Пошта, посочува два крупни проблеми – недостатокот на поштари и децениската лоша кадровска политика која се водеше во друштвото, каде што имаше масовна партизација, односно вработувања и поставување на работници на работни позиции по партиска линија. За проблемот со бавната достава, првиот синдикалец вината ја префрла на лошата организација.
„Проблемот пред сѐ се должи на лошата организација на работењето која резултира со недоволен број на извршители, на работници во технолошкиот процес каде се доставуваат пратките и ние секојдневно се соочуваме со тој проблем. Немаме работници баш таму каде што се најпотребни. Сето тоа пак се рефлектира на лошата достава“, рече Велигденов.
Над 60 отсто од вработените во Македонска пошта земаат минимална плата. Моментално има вработено 1650 работници на неопределно, како и 250-300 на определено време. Малиот број се должи на пензионирање на работниците, како и давање на откази. Тогаш, зошто не се вработуваат млади, или професијата поштар повеќе не е атрактивна?
Велигденов потсетува дека да се работи во вработи во Пошта некогаш било поим за работа.
„Ние тежнееме кон тоа тој бренд да го вратиме. Не се вработуваат најмногу заради лошите услови на работа, лошата организација на работа, многу ниските плати, моментално се доведовме до тоа на ниво на минимална плата да земаат работниците од оперативата, што ја прави самата работа неатрактивна. Затоа ние како синдикат бараме покачување на плати, обезбедување на основни средства за работа, со самото тоа ќе го подигнеме нивото на самото работно место и веруваме дека ќе привлечеме нови вработувања, особено на младите“, додава Боро Велигденов.
Во однос на тоа дали Македонска пошта може да биде затворена поради нејзината нефункционалност, тој вели дека тоа не смее да се случи.
„Таа е државна институција која ја претставува самата држава. Во светот не постои приватна пошта која ќе ја надмине државната. Ние оперираме на територијата на цела држава со над 330 поштенски единици во сите градски и рурални средини. Тоа значи дека е незамисливо Македонска пошта да не функционира и да не работи. Очекуваме друштвото да се реформира и да почне нормално да функционира“, вели тој.
Проблем и со приватните пошти: Само еден оператор користи автоматизирани процеси за сортирање на пратките
Иако приватните пошти имаат слобода во одредувањето на цените и квалитетот на услугите, тие често се соочуваат со предизвици како ограничен пристап до поштенската мрежа и потребата од значителни инвестиции во модернизација.
Приватните оператори ја искористија таа долга трансформација на државната пошта која со години се соочува со финансиски и организациски тешкотии, што отвори простор за приватниот сектор.
Сепак, колку овие привати оператпри одговорија на потребите на граѓаните кои физичкото купување го заменија со купување од дома, од компјутер? Со тоа, вистински процвет доживеа електронската трговија, која во голема мера зависи од доставата на пратките.
Всушност, доставата и логистиката се јавуваат како најголем проблем за е-трговијата во сите земји од Западен Балкан
„Предизвиците со доставата не само што го ограничуваат развојот на е-трговијата, туку и го намалуваат задоволството на потрошувачите. За побрз развој неопходни се инвестиции во модернизација на логистичките услуги,“ изјави Нина Ангеловска, претседателка на Асоцијацијата за е-трговија.
Од земјите во регионот, Србија предничи со развојот на out-of-home мрежа за достава, а сличен тренд започнува и во Македонија. Досега, доставата се вршеше главно на домашна адреса, но неодамна започна поставување на пакетомати – автоматизирани станици за преземање на пратки, што значително ја подобрува флексибилноста на испораката.
Квалитетот на услугите на приватните поштенски компании не е предмет на државна регулација
Во ваква поставеност на услугите од една страна и потребата на граѓаните од друга, прашањето е дали се’ е оставено пазарот на понуда и побарувачка да регулира, или има некој во државата, кој би ставил ред. Тука настапува Агенцијата за пошти, која претставува независно регулаторно тело во областа на поштенските услуги кое го регулира поштенскиот пазар уште од 2008 година. Таа е основана од Собранието на Република Северна Македонија како самостојно и непрофитно правно лице, кое врши јавни овластувања утврдени со Законот за поштенските услуги.
За да биде појасно, улогата на Агенцијата е да обезбедува услови за постојано, редовно и непречено обезбедување на универзалната услуга, овозможување на еднаков пристап до универзалната услуга за корисниците во однос на избор, цена и квалитет, поттикнување пристап до поштенската мрежа, промовирање и заштита на конкуренција во областа на поштенските услуги и отворање на пазарот со цел создавање единствен пазар на поштенски услуги.
„Агенцијата за пошти има повеќе надлежности меѓу кои и да донесува и спроведува подзаконски акти врз основа на Законот за поштенски услуги, го осигурува обезбедувањето на универзална услуга, обезбедува услови за пристап на корисниците до универзалната услуга, спроведува постапка за определување на давател на универзална услуга, издава општи овластувања – лиценци за обезбедување на поштенски услуги по поднесена нотификација, го следи обезбедувањето на универзалната услуга и работењето на давателите на поштенските услуги во согласност со овој закон и прописите донесени врз основа на него“, велат од Агенцијата.
Исто така таа го следи развојот на пазарот на поштенските услуги и ја промовира конкуренцијата на пазарот на поштенски услуги, врши надзор и контрола на работењето на давателите на поштенските услуги и презема мерки согласно со закон против давателите на поштенските услуги кои не ги спроведуваат одредбите од законот и прописите донесени врз него.
„Квалитетот на услугите на приватните поштенски компании не е предмет на државна регулација никаде во светот, па ни кај нас. Приватните оператори работат на слободен пазар, извршуваат конкурентски поштенски услуги за чиј што квалитет, цена, брзина и вкупна исполнителност исклучив „регулатор„ се пазарните сили на понуда и побарувачка. Тоа впрочем е и единствениот механизам по кој функционира секоја функционална пазарна економија“, објаснуваат тие.
Агенцијата за пошти со години е во исчекување на современи, динамични и пред се ефикасни конкурентски услуги, кои ќе донесат нова додадена вредност за граѓаните и фирмите. Но за жал до сега, вложувањето во нови технологии на конкуренцијата се уште е далеку од нашите очекувања, поради што и компаниите или пропаѓаат или се откажуваат во првите година-две
„Ретки се тие кои на пазарот опстоиле повеќе од 10 години и најчесто користат ниски цени како предност за да ги освојат испраќачите. Никој од приватните пошти (со исклучок на еден) ни делумно не користи автоматизирани процеси во сортирање на пратките. Точно е дека користат софтверски решенија за евидентирање на пратките и процесите интерно, а само големите клиенти испраќачи добиваат можност за следење на пратката од почеток до крај“, потенцираат од Агенцијата.
Светската банка во својот Меѓународен индекс за логистички перформанси (LPI) ги рангира земјите од регионот меѓу најслабите во Европа. Северна Македонија е најдобро рангирана во категориите „Царина“ (43-то место глобално) и „Следење на пратки“ (46-то место), но има слаби оценки во „Квалитет на логистика“ (53-то место) и „Инфраструктура“ (55-то место).
Мартин Каровски и Кристијан Трајчов