Кремљ денеска соопшти дека некој треба да го принуди украинскиот претседател Володимир Зеленски да склучи мир, откако расправијата со американскиот претседател Доналд Трамп во Овалната соба покажа колку е тешко да се најде начин да се стави крај на војната.
-Тоа што се случи во петокот во Белата куќа, се разбира, покажува колку ќе биде тешко да се преговара за патот кон решение во врска со Украина, рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Тој додаде дека „режим во Киев“ и Зеленски не го сакаат мирот, туку продолжување на војната.
-Многу е важно некој да го присили самиот Зеленски да го промени својот став, рече Песков.
„Некој мора да се погрижи Зеленски да (почне) да го сака мирот. Ако тоа им појде од рака на Европејците, тие треба да бидат почестени и пофалени, додаде тој.
Рускиот претседател Владимир Путин испрати десетици илјади војници во Украина во 2022 година, што доведе до најголемиот судир меѓу Русија и Западот од Студената војна.
Конфликтот во источна Украина започна во 2014 година откако прорускиот претседател беше соборен во таканаречената Револуција на достоинството, Русија го анектира полуостровот Крим, а проруските сепаратисти се судрија со украинските вооружени сили.
Песков рече дека Путин бил свесен за „настанот без преседан“ во Овалната соба, што, според него, барем го покажува недостигот на дипломатски вештини на Зеленски.
-Исто така, видовме дека колективниот Запад делумно почна да го губи својот колективитет и дека почна фрагментацијата на колективниот Запад, рече Песков.