Најголемиот фотоволтаичен парк во Западен Балкан со капацитет од 400 мегавати и вредност од 300 милиони евра, сака да го гради француската компанија „Акуо“, во близина на Штип, на локацијата на некогаш проектираниот карго аеродром, кој требаше да се простира на територијата на општините Штип и Свети Николе.
- Со градот Штип и универзитетот „Гоце Делчев“ ќе работиме на заеднички проект. Ние работиме, пред се, на обновливи извори на енергија, на соларна енергија, на енергијата на ветар и убедени сме дека изградбата на соларниот парк ќе го завршиме во 2027 година. Неговата изградба ќе трае од 12 до 18 месеци, вели Катинка Рамберт од компанијата Акуо.

Доколку започне изградбата на ваков фотоволтаичен парк, неговиот капацитет за производство на струја би бил 400 мегавати, што е близу 50% од сегашниот потенцијал на сите постоечки фотоволтаици во земјава:
- Оваа централа е од 400 мегавати и мислам дека ќе биде доволно за еден град со 30.000 до 40.000 жители, ќе придонесе за снабдувањето и сигурноста на системот во државата, но и ќе придонесе за намалување на увозот на електрична енергија, што е и клучно прашање. Македонија се соочува со експанзија на фотоволтаични централи, некаде се околу 850 мегавати инсталирани во последниве години, според податоците на Реулаторната комисија за енергетика, меѓутоа е проблемот тоа што Македонија ги нема оние големи централи, таканаречени Utility Scale, односно фотоволтаична електроцентрала која што може да задоволи потреби на одредено населено место или град, вели проф. д-р Славе Ивановски, експерт за енергетика.

За проектот е заинтересиран и штипскиот универзитет, кој што сака да вклучи своја експертиза, но и студенти во потенцијалната изградба на фотоволтаичниот парк:
- Универзитетот „Гоце Делчев“ ги следи овие активности, активностите и на компанијата Акуо и на општина Штип, и се обидуваме да воспоставиме контакт со компанијата и со другите инвеститори во општина Штип, за да развиеме некои заеднички активности. Студенти ќе бидат вклучени во конкретни активности и во поставувањето на самиот парк, но и во изградбата на нивните станици, вели проф. д-р Мишко Џидров, проректор за настава при УГД.

Ваквата инвестиција би била од големо значење и за самиот Штип:
- Ние како град сме заинтересирани за сите инвестиции во насока на обновливи извори на енергија. Морам да нагласам дека Штип во последно време прераснува во енергетски центар заради природниот потенцијал кој што го има, а тоа е сончевите денови, присуството на ветер. Веќе изгледно е дека се најавени многу инвестиции во обновливи извори на енергија, но ме радува фактот што придобивките од овие инвестиции е добро да се искомуницираат со јавноста, вели штипскиот градоначалник Иван Јорданов.

Фотоволтаици има веќе на повеќе локации на Истокот, а во околината на Штип има во близина на штипскиот ТИРЗ, и по една во Крупиште, Тркање и Спанчево со различен капацитет, во сосптвеност на локални бизнисмени.
Проценките се дека благодарение на фотоволтаиците и ветерните паркови, може да падне значително цената на струјата, но неопходни се и државни инвестиции во мрежата, чиј капацитет во моментов е ограничен и не може да презема големи залихи на струја и покрај можноста за централи од обновливи извори на енергија.
Дали ќе се гради воопшто фотоволтаичниот парк зависи од многу фактори, а зелено светло е неопходно и од Владата.