Македонија треба да побара американската база Бондстил од Косово да се пресели во Криволак, а ракетниот штит од Романија да дојде на наша територија. Така ќе се зајакне нашата стратешката улога и да ги искористи промените што интензивно се случуваат на регионална и светска сцена со доаѓањето на Доналд Трамп на власт во САД, смета лидерот на Интегра Љупчо Ристовски. Тој прогнозира „домино ефект“ доколку Украина и Русија се договорат за Крим, следната размена на територија би била во нашиот регион.
-Знаете што ќе се случи со Србија и Косово ако се тргне Бондстил, а ќе се тргне. Нема да не’ поштеди и нас, ова е најлошиот развој по Македонија. Немој да мислите дека Трамп ќе не’ заштити. Немој да мислите дека во тие големи шаховски игри во меѓународната политика нема да ни дојдат нови 300.000 бегалци, а Албанија нема да се наметне и да ја земе базата Бондстил. Наместо Бондстил да ја пренесеме во Криволак, Албанците ќе ја земат, изјави Ристовски во Стадион на Канал 77.
Лидерот на Интегра вели дека прекројувањето на регионот со отстапување на дел од Косово на Србија и припојување на дел од Македонија, е на маса на преговори.
-Покажавме дека 30 годни сме нефункционална држава, немаме суверенитет на цела територија, вели Ристовски.
Коментирајќи за кавгата во Белата куќа и заминувањето на украинскиот претседател Володимир Зеленски без потпишан договор од САД, Ристовски вели дека се случуваат текстонски пореметувања на тлото на Европа. Според него, има преку 200 прикриени латентни конфликти.
-Европа и покрај две светски војни не ја научи лекцијата и не изгради механизам за да може да менаџира конфликти на својата територија. И во случајот со Украина, Европа е немоќна. Разединета е по излегувањето на Британија, има страшно раслојување помеѓу германските и француските интереси, а со промената на власта во Америка се менуваат и американските интереси кон Европа. Ова во Белата куќа е непријатно – ако вие го почитувате соговорникот, тој што сте го поканиле во Белата куќа, треба да му го заштитите авторитетот, и не на таков флагрантен начин да му го згазите авторитетот на светска сцена, особено што и натаму тврдите дека Украина е ваш пријател. Не може да настапите со аргументите: „Не можете да ја добиете војната, посилниот ќе ги освои териториите, вие војната ќе ја изгубите, изјави Ристовски во Стадион.
За Ристовски, Русија не е наш пријател и дека коренот на бугарскиот екстремизам доаѓа од руското влијание. Во однос на Русија, аргументираше дека културолошки сме блиски, треба да се сакаме и почитуваме но, како што рече, „во оваа геостратешка игра треба да фатиме вистинска страна“.