Социјалниот дијалог помеѓу бизнисот, Министерството за образование и наука, средните стручни училишта и ТИР зоната во Штип има за цел да го подобри дуалното образование. Оваа соработка ќе овозможи учениците од средното електро-машинско училиште „Коле Нехтенин“ да добијат практична настава во фабриките во ТИРЗ Штип. Исто така, надлежните институции ќе креираат образовни профили кои се потребни за работата во овие фабрики.
Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, истакна дека преку ваквата комуникација ќе се овозможат придобивки и за компаниите и за идните работници во нив:
- Она што ние можеме да го овозможиме е да направиме првична комуникација и можност за соработка, меморандум за соработка помеѓу образовните институции и бизнис секторот за да се овозможи тој процес на дуално образование и дел од наставата да биде практична и да имаме квалификувани профили, коишто на пазарот на трудот ќе додат вредност, истакна Јорданов.

Во последните три години, СОУ „Коле Нехтенин“ има склучено повеќе од 100 меморандуми со компании од Штип и источниот регион, а директорката Јованка Шалева на денешниот состанок нагласи дека училиштето е во напредна фаза на трансформација во Државно регионално училиште. Со фабриките во ТИРЗ се остварени средби, на кои е договорено дека учениците ќе имаат феријална пракса ова лето. Од учебната 2025-2026 година, ќе започне со имплементација на дуалното образование.
Со оваа иницијатива, средношколците ќе добијат практично искуство и ќе бидат подготвени за потребите на пазарот на труд, што ќе им овозможи подобра вработливост.
- Во изминатите три години ние имаме две дуални паралелки, со што едната е од електротехничката, а другата е од машинската и во овие две паралелки имаме околу 90 ученика, истакна Шалева.

Инаку, познат податок е дека странските компании кои се заинтересирани за инвестирање во ТИРЗ-овите во земјава најмногу се интересираат и приориритет даваат на тоа дали во регионот којшто ќе ја отворат фабриката има квалификуван кадар.