Александар Кржаловски од МЦМС и новинарот Мирче Адамчески, гости во најновото издание на емисијата Стадион на Канал 77. Зборуваа за светот и политиката во време на владеењето на новиот американски претседател Доналд Трамп, колку она што тој го прави во текот на изминатите месец дена е некаква политика, блеф или што би рекол Адамчески коцкарска игра.
Според неговите зборови, активностите на Трамп воопшто и не наликуваат на некаква политика, повеќе на игра во која тој влегува со цел да го збуни светот, кој како што нагласува Адамчески се најде донекаде затечен од превземањето на првите чекори на новиот американски претседател.
Во таа насока го истакнува огромното значење и улогата на медиумите, велејќи – Оној што владее со информациите, владее и со светот.
“Поплави ја зоната” е принципот според кој Трамп го стартуваше новиот мандат, смета Александар Кржаловски од МЦМС, додавајќи дека целта на новиот американски претседател е во суштина да се направи шок во системот или со други зборови да се произведат повеќе информации од она што системот и јавноста можат да конзумираат. Според принципот Поплави ја зоната со глупости, медиумите се земаат како најголема опозиција па затоа треба да се поплават со информации за да немаат време да реагираат, појаснува Кржаловски.
- Додека тие да ги проверат фактите за една работа ние треба да направиме десет други во меѓувреме, тоа според Кржаловски е и начинот на кој Трамп го започнува својот нов мандат и со кој е затечен најголемиот дел од светот.
Меѓу другото Кржаловски прокоментира и за УСАИД и средствата кои годишно се издвојуваат за нашата земја, потенцирајќи дека најголемиот дел од истите се слеваат во зајакнување на одбраната на земјата како и во здравството, а само 25 проценти одат во граѓанските организации и медиумите.
- Но она што нашите граѓани не го знаат е фактот што голем дел од финансиите кои преку проекти одат во граѓанските организации во земјава всушност повторно се враќаат во Америка, преку ангажман на американски истражувачи, аналитичари или консалтинг групи, што значи многу мал е процентот средства кои остануваат во државата, нагласува Александар Кржаловски од МЦМС.
Притоа дополнува, кога Македонија како земја ќе ги започне преговорите за влез во ЕУ сите овие извори на средства како УСАИД, Стејт Департмент, Швајцарија ќе секнат, тогаш и ние ќе бидеме должни 0,7% од БДП да издвојуваме за помош на трети земји, за што многу малку се зборува и што според Кржаловски не го знаат ни голем дел од политичарите.
На тој начин функционираат високоразвиените земји, преку финансиски инјекции го одржуваат балансот во развојот во светот.
Според новинарот Мирче Адамчески несомнено Америка ќе ја задржи УСАИД, зашто како што нагласува тоа е мека сила на САД, на тој начин како земја ги пренесуваат своите вредности и своите интереси низ светот.
Македонија пак од друга страна само 10 милиони евра од својот годишен буџет издвојува за домашните невладини организации и граѓанскиот сектор, од кои огромен процент одат за финансирање на спортските клубови, како и на здруженија како што вели Кржаловски останати од времето на социјализмот, а само 250 милиони евра се делат преку отворени јавни повици и грантови од државата за граѓанските организации кај нас.
Во најновото издание на емисијата Стадион се зборуваше и за актуелните случувања на релација САД – Русија и САД – Украина, при што новинарот Адамчески го изрази своето убедување дека всушност средбата во Ријад беше првиот чекор кон враќање на Русија на светската сцена, преку враќање на довербата од страна на Западот.
Целосните излагања и емисијата во целост, на линкот во продолжение: