Пензионерите, кои протестираа за зголемување на пензиите преку линеарен метод, на денешната прес-конференција во Штип побараа ново водство на Сојузот на пензионери. Тие исто така побараа од државните институции и Владата да го разгледаат прашањето за зголемувањето на пензиите од 1 септември 2025 година, со конкретна информација дали тоа ќе биде линеарно или процентуално. Трајче Митев, претставник на Иницијативниот одбор од Штип, изрази револт по повод најновата изјава на претседателката на Здружението на пензионери на Македонија, Станка Трајкова.
- Од ова денеска што сме собрани треба да произлезе дека претседателката на Сојузот на пензионери, Станка Трајкова има напишано дека во веснико „Пензионер плус“, која е и уредник има напишано многу негативни работи што се однесуваат на пензионерите. Она е спротивна на работата и на активностите на пензионерите, вели Митев.
Трајче Станојков од Свети Николе ги критикуваше тврдењата во весникот „Пензионер“, според кои актуелното раководство на Сојузот на пензионери е заслужно за линеарното зголемување. Тој посочи дека тоа е резултат на долгогодишните протести организирани од Иницијативниот одбор, кој неколку години се бори за ова зголемување. Станојков побара избори за ново раководство на Сојузот, бидејќи смета дека актуелното не ги застапува интересите на сите пензионери.
- Изречно демантираме дека таа и нејзиниот Управен одбор беше за линеарното зголемување на пензиите. Ако тоа беше така, зошто нас не пречекуваше со кордони полиција и пред нејзиното седиште и пред Влада, пред Собрание и пред Америчката амбасада, со снајпери таму не пречекуваше. Ако била поддржувач на нас требаше да дојде и со нас да биде и да ни биде водач. Таа упорно тоа го избегнуваше, вели Станојков.
Пензионерите кои бараат линеарно зголемување на пензиите на денешната прес-конференција побараа оставка од актуелното раководство на Сојузот на пензионери, за кое тврдат дека било избрано на неправеден начин. Тие најавија дека новото раководство ќе се избира преку демократски избори во Здруженијата на пензионерите, со учество од сите градови во земјата, а не само од Скопје. Станојков додаде дека ќе се зголеми отпремнината за починат пензионер од 35.000 на 50.000 денари.