Ретко кој во државата знаеше дека Македонија уште од 2010 година има Агенција за нуклеарна технологија, се’ додека со закон не беше укината кон крајот на минатата година. Оваа агенција е дел од околу 300 државни органи од вкупно 1.371 јавни институци за кои никој не знае. Ниту се знае кои се, ниту што работат, но сите имаат свој буџет, директори, управни и надзорни одбори, службени возила. Според овие податоци, има 14 институции, со ниту едно вработено лице. Сите овие институции функционираат со само едно лице – директорот. Треба ли да се појави некој македонски Илон Маск и да ја среди бирократијата?
Институции за директорски места
Во Македонија со години се зборува за јавни претпријатија и државни органи кои постојат само во теорија, а не ја вршат дејноста за која што се основани или немаат воопшто ингеренции врз предметот на дејноста.
И претходната и актуелната власт го отворија прашањето за бројот на вакви установи и бројката на нивни директори, членови на управни одбори, надзорни одбори и вработени, кои земаат плати и надоместоци, а не вршат никаква работа од јавен интерес. Засега ниту една власт не тргна во „чистење на вишокот“.
Според различни извори, бројот на вакви претпријатија и државни органи варира.
Ние тргнавме од податоците на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, а филтерот според кој се обидовме да лоцираме нефункционална установа беа податоците споделени од самите институции.
Така, наидовме на Јавно претпријатие за стопанисување со објекти за спорт во сопственост на Република Северна Македонија.
Ова претпријатие има споделено адреса, мобилен телефон од лице овластено за давање на информации и регистрирана меил адреса. Претпријатието нема телефонски броеви и веб страница.
Ова некогаш богато јавно претпртијатие е основано во 2000 година со околу 200 вработени, а денес има само 4. Јавното претпријатие има 5 членови на Управен одбор и истата бројка е поголема од бројот на вработени.
Претпријатието на хартија стопанисува со 32 државни спортски објекти и просторни капацитети, но за некои од нив нема фактичко владение. Претпријатието воедно има и неколку дејности.
„Како претпријатие нашите дејности се инвестиционо и тековно одржување на објектите за спорт, користење на објектите за спорт од субјектите во спортот и други субјекти, утврдување на висината на закупот, односно склучување на договори за закуп на делови од објекти што не се во функција на спортот и планирање и изградба на нови објекти за спорт“, изјавија од Јавното претпријатие за стопанисување со објекти за спорт.
Доколку го пребарате на интернет името на претпријатието нема да ви излезе ништо од нив – ниту прес конференција, ниту изјава, ниту некаква иницијатива, медиумски текст за работењето, некаква анализа, објава, извештај или било што слично.
Излегуваат генерално споменувања во Службен весник, па можевме да видиме дека во далечната 2006, тогашната Влада именувала 9 членови на Управен одбор на оваа установа.
Од стари медиумски текстови дознаваме дека установата е основана со околу 200 вработени, а дека во моментов има 4 плус директор и членови на управен одбор.
Пропусти има и во Министерствата
За разлика од преостанатите министерства, кои имаат многу обемни и конкретни ингеренции и задолженија кои се многу опипливи и мерливи, Министерството за односи меѓу заедниците е едно од апстрактните министерства, кое се бави повеќе со вредности и односи, отколку со конкретни работи.
Формирано е во 2019 година, со згаснувањето на тогашниот Секретаријат за рамковен договор ова Министерство стартуваше со 1517 вработени. Тогашната влада го згасна секратаријатот по долгогодишните критики дека претставува институција, во која во различни периоди различен број на вработени воопшто не се појавуваат на работа.
По доаѓањето на министерската позиција, во јули 2024, Иван Стоилковиќ, во тв интервју посочи дека министерството има 294 вработени, од кои 184 не доаѓаат на работа, што претставува 62,58% од вкупниот број на вработени во ова министерство.
На новинарско прашање, што ќе се случува со тие вработени што не доаѓаат на работа, министерот посочи дека ќе бидат прераспределени во други државни институции, каде има потреба од кадар.
„Согласно првичните наоди, беше констатирано дека станува збор за вкупно 184 вработени, подоцна бројката беше дополнета со 7 лица на кои работниот однос им бил во мирување, со што вкупната бројка на вработени за распределба стигна до 191. До моментот на одговорот на оваа барање, прераспределени по основ на К-5 програмата се вкупно 69 лица по основ на преземање во друга институција од јавниот сектор“, велат од Министерството за односи меѓу заедниците.
Вкупниот буџет на МОЗ за 2025 година изнесува 240,183,000.00 денари. За споредба, минатата година почетниот буџет изнесувал 246,031,000.00 денари.
„Овде треба да се има предвид дека е направена измена во две клучни програми кои директно се однесуваат на етничките заедници. Односно, програмата за одбележување на денот на албанската азбука е укината и се воведува нова програма за одбележување на националниот ден на сите етнички заедници, односно на Албанците, Турците, Србите, Ромите, Бошњаците и Власите, а со цел почитување на сите заедници кои живеат во земјата согласно Уставот. За оваа намена во буџетот за 2025 година се предвидени 12 милиони денари“, објаснуваат од Министерството.
За споредба, според систематизацијата на работни места на Министерството за здравство, предвидени се 210 работни места.
За една година 17 новоформирани институции
Според податоците од Регистарот на вработените во јавниот сектор на Македонија активни се 1.371 институција, во кои работат вкупно 128.879 лица.
Од вкупниот број вработени, 18.710 се дел од Армијата, Агенцијата за разузнавање, Агенцијата за национална безбедност, Министерството за внатрешни работи со Бирото за јавна безбедност, како и Управата за финансиско разузнавање при Министерството за финансии.
Во споредба со 2022 година, бројот на институции во јавниот сектор е зголемен за 17. Исто така, 14 институции во 2023 година немале ниту еден вработен, но имале директори.
Според големината, 160 институции имаат до 10 вработени, 505 до 50, 401 до 100, 47 до 500, а 25 институции имаат над 500 вработени.
За платите во јавната администрација во 2025 година се предвидени 780 милиони евра, со дополнителни 32 милиони евра за зголемување на платите во образованието, 84,5 милиони евра за здравството и 23 милиони евра за растот на минималната плата. Вкупно, платите во администрацијата ќе чинат 930 милиони евра од буџетските расходи, кои изнесуваат 6,5 милијарди евра.
Се формираат институции за вработување партиски кадри
Партиското вработување и создавањето непотребни институции се главни причини за нефункционалноста на јавниот сектор и забавениот евроинтегративен процес, оценува професорот на Правниот факултет Ванчо Узунов. Според него, партиската припадност одамна не е прашање на идеологија, туку средство за личен профит.
„Учеството во партии и таквиот активизам одамна е станато како одење на печалба без да одиш во странство. Интересот не е за никаква идеологија и правење нешто за доброто на граѓаните и државата, туку секој гледа личен интерес. Со партиско делување, утре кога ќе дојде ред да се делат разни функции и да се местат тендери, тие што се најблиску до партијата добиваат дел од колачот“, вели Узунов.
Тој укажува дека оваа пракса довела до креирање на нови институции без јасна надлежност, единствено со цел да се згрижат партиски кадри.
„Кога ќе ги наполнат тие позиции со нивни луѓе, се креираат нови институции за да примаат нови партиски луѓе. Така, всушност, се формирани многу институции кои не мора да постојат“, додава професорот.
Според Узунов, главната цел на партиите не е решавање на проблемите, туку задржување на моќта и привилегиите.
„Скоро сите се свесни дека проблемите нема да ги решат, меѓутоа ќе си го истераат мандатот. Пред избори им ветуваат се и сешто бидејќи во јавност не можат да кажат дека доаѓаат за да се збогатат. Така нема никој да ги гласа“, нагласува тој.
Токму ваквото однесување е една од причините зошто земјата не ги започнува преговорите со Европската унија.
„Ние постојано измислуваме причини зошто не започнуваме со реформи. Важно е да се каже дека искрена намера нема“, вели Узунов.
Според професорот, ограничен број на администрација не постои, бидејќи тој зависи од тоа колку функции има одредена институција и колку се способни вработените. Тој посочува дека за време на пандемијата, кога многумина работеа од дома или воопшто не одеа на работа, учинокот на институциите не беше намален.
„Голем број на луѓе не одеа на работа, а учинокот не опадна ни за милиметар, што значи дека пола од луѓето таму се вишок. Едната половина ја работи работата, другата само зема плата“, вели Узунов.
Тој истакнува дека иако малите држави имаат потреба од релативно поголема администрација бидејќи така налагаат институциите, кај нас постои превработеност. Но, проблемот е што голем дел од партиската бирократија не е способна да заврши работа, па е потребно да има уште вработени кои се стручни и кои ја вршат целата работа, што доведува до дополнителни вработувања.
На политизацијата на вработувањата и слабите механизми за управување со успешноста предупреди Светска банка во последниот извештај Македонија троши 7,3% од својот БДП на јавната администрација, што е под просекот на ЕУ. Сепак, јавниот сектор опфаќа речиси една петтина од вработените во земјата, додека продуктивноста е за 48% пониска од приватниот сектор. Решението според Светска банка е во рационализација на бројот на вработени, инвестирање во професионален кадар преку засилено управување со успешноста и одвојување на растот на платите од автоматската индексација.
Мартин Каровски и Кристијан Трајчов