„Раката што дава не се суши“ или „Не е важно колку имаш во џебот, важно е колку имаш во срцето“ се изреки кои ги кажал некој а во кои може да се преслика охриѓанката Весна Миленкоска, која е инспирација за сите жени и хуманисти.
Таа е доказ дека се што ќе те снајде во животот треба да го дочекаш на нозе и од тоа да излезеш победник. Особено поради тоа што во време кога била невработена, таа решила, тоа што го има да го сподели со оние што немаат. И така се родила идејата за профилот на Инстаграм @foodjoy_ves , а подоцна #zgotviipodari, кои допринесоа нејзината идеја да се прошири, а тоа значи и да се нахранат многу гладни.
Ако сите велиме дека короната не натера да смениме, Весна е типичен пример за тоа, бидејќи од времето на карантините почнува да готви, а денес зад неа е препознатливиот бренд- леб без квасец.

-Кога се роди идејата сите се чудеа како може невработена да сум а да помагам. Има луѓе кои имаат многу пари ама не помагаат. Но, не е поентата колку имаш, туку колку сакаш да помогнеш. Нели е останато од старите- корка да имаш ќе ја поделиш ако сакаш да помогнеш. Затоа сметам дека е важно да споделиш, бидејќи никој не се осиромашил од давање. Јас за време на короната бев невработена и за да не мислам на проблемите почнав да готвам. Готвењето одсекогаш ми било љубов. И така, како готвам дома, така носам јадење и на некое семејство што нема. Што јадеме ние дома, тоа го давам и на нив. Има семејства на кои џабе ќе им донираш прехрамбени продукти, кога тие не можат да станат да си зготват, вели таа и додава:
-Семејство по семејство ги запознавав луѓето и нивните проблеми. Како помагав така и објавував, па мојата идеја се прошири. Немам зборови да опишам со што се се среќавав, со какви тажни животни приказни. Срцето ми е полно кога ќе видам солзи радосници на нивните лица, вели Весна.
Нејзиниот труд го препозна Здружението „Елит“, кое и ја додели наградата „Големо срце“ за нејзината хуманост. Ова, вели Весна, секако и е ветер во грб и поттик за да продолжи понатаму.

-Не мислев дека тоа што го правам ќе добие вакви размери. Јас не тргнав со таа цел. Тргнав од еден обичен зготвен ручек. Како носам така објавувам дека, да речеме, денес однесов храна на шестчелно семејство. И после третото носење веќе имаше луѓе кои се заинтересираа да ми се приклучат. Ме прешувале кој е минимумот кој треба да го дадат. Но, тука нема ниту минимум, ниту максимум, туку кој колку може и сака толку да даде. Затоа дури можам да помагам ќе помагам, вели оваа жена кралица.
Акцијата на почетокот била само од охриѓани за охриѓани, но како минувало времето така се проширувале донациите. Денес таа со гордост кажува дека во оваа хуманост се сплотени не само луѓе од Македонија, туку од Австралија до Америка.
-На почетокот донациите беа од охриѓани, но има и од други градови во државава, кои знаат кога треба да дадат, односно ќе наполнат пакет и ќе пратат. Кај мене во понеделник и вторник од карго се јавува и точно знам кој пакет од кои луѓе и кој ден доаѓа. Во пакетот има продукти според можностите на луѓето, кој колку можел толку дарувал. Јас ги превземам и ги носам во семејствата. Како поминуваа годините веќе дојде моментот кога веќе по цела недела сум ангажирана. До четврток ги примам донациите и пазарам, па готвам, се товарам и носам на фамилии. Од храна донациите се проширија, па ги прашувам и што им е потребно од електрични апарати. Сум им носела фрижидер, правосмукалки, машини за перење, дрва сме купувале на семејства. Колку ќе соберам толку ќе дадам. Се е по желба на лугето. Луѓето од Македонија претежно праќаат храна и други призводи, а од странство пракаат пари па купуваме што е потребно. Најчесто тоа е конзервирана храна, масло, шеќер, па се останато, но каде има мали деца носиме млеко и папмерси. За да не се трупа непотребно прво се договоарам со луѓето што им е потребно, па потоа носиме, вели оваа хуманитарка.
Весна од #zgotviipodari направи бренд, кој и од локални рамки излезе и надвор од границите на државата.

-Да и многу ми е мило поради тоа. Уште помило ми е кога ќе ми кажат дека сум ги инспирирала, дека сакаат да донираат и дека се среќни што го гледаат ова. Мислам дека моето искрено трчање низ град се гледа, се чувствува енергијата и луѓето го почитуваат тоа. Од Србија ми се јавија медиуми кои сакаа да ја раскажат мојата приказна. Задоволство ми е што сакале да се информираат повеќе за она што јас го правам. Значи сум успеала да ја разбудам хуманоста кај луѓето, не бил трудот за џабе иако искрено кога како невработена почнував не мислев дека ќе дјде до овој степен, вели Весна и додаде:
– Многу луѓе на кои им помагаме не можат да се грижат сами за себе, а не па да готват. Особено е тажно кога станува збор за болни дечиња, па родителите поради тоа немаат шанси да одат на работа, парите од социјално не се доволни ниту за лекови, а живеат во стари куќа што нема шанси да ја реновираат. Познавам самохрани мајки кои печат пиперки за пари, цепат дрва, одат на нива да работат само за денар повеќе, а имаат деца од кои едното е болно. Тие мајки не можат да ги остават сами децата. Многу тажни приказни видов. Маките се по луѓето, вели тажно таа.
Миленкоска е семејна жена, има сопруг и две деца, за кои вели дека и даваат максимална поддршка. На оваа мајка кралица, од која многумина треба да учат, горди се нејзините деца и и помагаат во акциите.
-Многу ми помагаат децата и затоа сум среќна. Кога ќе соберам донации дома во ходникот нема место да се помине. Син ми има 22, а ќерка ми има 14 години и секогаш кога треба да се носи ми помагаат. И сопругот секако, но јас сакам тие да дојдат со мене, да ја видат реалноста, да ја видат другата страна на животот. Мило ми е што се учат на вистински вредности, знаат да почитуваат и да помогнат и, секако, да го ценат тоа. Затоа велам-правете дела по кои ќе ве паметат, дела што ќе зборуваат за вас, гордо вели оваа мајка.
Сите сме свесни дека денес живееме во материјален свет, но благословен е оној човек кој ќе сфати дека не е се во парите, туку многу повеќе е во човечноста.
-Така е. Пред се треба да си човек. Колку и да трчаш, да создаваш ако не си човек се е џабе, додава таа.

Весна навистина е жена од која треба многу да учат. Решила да готви дома и да им помага на другите и не дозволила да падне во депресија, туку да продолжи напред не само заради себе, туку и позитивната мисла и енергија да им ја пренесе и на тие кои им помага.
-Можеби треба многу да проживееш, да стасаш до некои години кога ќе сфатиш, кога ќе се реализираш себе си. Да се пронајдеш. Да почнеш да работиш на себе. Мора да дојдеш до момент кога ќе кажеш- стој, треба нешто да сменам. Не дека јас ги запоставив сите ама треба да се посветиш на себе, вели таа и објасни како се случило нејзиното хоби- месење лепче без квасец да стане нејзина преокупција од која денес заработува.
-Како од едно хоби може да влија врз карактерот на личноста, да те оформи, да се пронајдеш, да се вложиш целосно и да бидеш среќен во она што го работиш. Јас сум среќна во ова што го правам. Го правев лепчето од хоби, за нас дома. Потоа се повеќе и повеќе и стасав до отворање на фирма, што е сосема друга приказна. Но, јас сум истата и уште посреќна сум, вели оваа жена крлица која почнала сама, а сега зад себе има армија луѓе, кои токму нејзиното хумано срце им било инспирација.
Весна Миленковска
Фото: Приватна архива