До ММС се обратија жители на населбата Осми Ноември во Штип, дека и покрај бројните паркинг места низ населбата, многу често паркинг за станарите нема.
Причините може да се бараат на повеќе места.
Населбата има пошта, неколку угостителски објекти, продавници, прехранбени маркети, аптеки, обложувалници, ординации, кои имаат редовни посетители, а кога нивните паркинг места, доколку ги имаат, се пополнат, тогаш посетителите се паркираат на паркинзите на станбените згради.
Ист е случајот и со посетителите на реакреативната патека покрај Брегалница, кои најчесто стартот на неа го започнуваат токму од Осми Ноември.
- Новите паркинзи над бензинската многу повеќе се и ќе бидат паркинг за луѓе што имаат работа во поштата, до маркет, на кафе во кафичите, до дистрибуцијата, на лекар, отколку на нас, самите станари, на кои ни се узурпира зелената површина и детските лулашки за изградба на паркинг, вели станар на станбена зграда во населбата.
Од општината велат дека површините на кои се градат новите паркинг места на булеварот „Партизанска“ се јавни парцели, а не на станбените згради и станарите, дека во ДУП се предвидени паркинзи на овие парцели, кои сега општината ги реализира, но и дека нивната изградба оди токму во прилог на станарите, на кои дел од зградите им се изградени пред 40 и повеќе години, кога во изградбата се предвидувале помали паркинг простори, бидејќи и реално имало значително помалку возила.

Во прилог на бројот на паркинг местата, денеска се започна со реконструкција на уште еден паркинг на улицата „Енгелсова“ во Осми Ноември, чија реконструкција заедно со хортикултурното уредување ќе чини 4 милиони денари.
- Денес се наоѓаме на улицата Енгелсова, на која што улица се уредува површина пред станбени згради, површина која што од барање на жители имаше потреба да биде уредена, заради амортизираниот бетон и водата атмосферска која што се акумулирала низ годините наназад, верувам дека со овој опфат и со ова третирање на оваа јавна површина, ќе се подобри пристапот до станбените згради. Освен на улица Енгелсова, предвидено е да се рабои на јавна површина на улица Боро Арсов и ЈНА, каде што ќе се треитраат тротоарите и влезовите пред станбенитте згради во населбата Осми Ноември, изјави градоначалникот на Штип, Иван Јорданов.

Експоненцијалното зголемување на бројот на возила е проблем низ цела држава, а во Штип е проблем речиси во секоја населба од градот – во постарите маала заради тесните пристапни улици и куќи без паркинг, а во поновите поради големиот број возила, узурпацијата на паркинзите со предмети и лимени гаражи, но и кршења на законот, поради изградба на згради без паркинг места, заради изигрување на постапката при градба.