Во тек е постапка за поставување на 200 камери на штипските улици и булевари, како и на игралиштата и околу градинките и училиштата најави денеска градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов. Средствата за видео надзорот се обезбедени од општинскиот буџет.
Штипјани изминатите години се сведоци на вандализам, односно на искршени клупи, детски реквизити, урбана опрема во парковите, игралиштата и на пешачката патека покрај река Брегалница.
- Со поставувањето на камери и на видео надзор на јавни површини конечно ќе се санкционира се она коешто, како појава ни се случува со години наназад. Веќе сме во постапка за поставување на околу 200 камери и видео надзори со кои ќе бидат опфатени многу јавни површини. Паркови, градинки, училишта, сообраќајници, крстосници и ќе имаме видео надзор на голема површина на територијата на општина Штип. Верувам дека ова ќе користи за санкционирање на сите девијантни појави, изјави Јорданов.
Граѓаните ги уништуваат и поставените заштитни столпчиња по тротоарите, кои се поставени со цел да не се паркираат возила, како и автобуските постојки. Директорот на ЈП „Стипион“,Панче Стефановски, спас гледа во поставувањето на камери и видео надзор. Камери и видео надзор ќе се постави не само во централното градско подрачје, туку и во повеќе населени места во Штип, со цел да се зголеми свеста кај граѓаните и да се чува она што се поставува. Општина Штип на годишно ниво троши околу три милиони деанри за поправка на детски реквизити, канделабри и урбана опрема.