„Пред да го смените државниот грб и химната, и пред Министерот за здравство да завлезе во решавање на етничките прашања, да ве прашам – кога планирате да го поправите апаратот за компјутерска томографија во Струмица“? Со ова прашање градоначалникот на Струмица, КОстадин КОстадинов се обраќа до министерот за здравство Арбен Таравари, потсетувајќи дека овој витален апарат во струмичката болница не работи девет месеци, толку време колку што е министер за здравство.
-Девет месеци струмичани секојдневно се принудени да патуваат до Гевгелија или Штип за да направат дијагностички преглед на КТ скен. Колеги функционери и пратеници што земате помеѓу 2,5 – 6 милиони денари за патни трошоци: за овие луѓе што секој ден патуваат стотици километри за услуга која вие треба да им ја обезбедите во нивниот град, кој ќе им ги плати нивните трошоци? Тргнете ја на страна омразата кон мене, та и струмичани ли мораат да трпат поради тоа? Не ли е срамота девет месеци да вршите тортура врз пациенти?“, реагира Костадинов.
Градоначалникот вели дека владините функционери секој ден се фалат дека трошат по неколку милиони, како што нагласува, „на сокаци, чешми и огради, ама на никој не му текна да дојде и да го поправи КТ скенот во струмичката болница“.
-Еве еден предлог, откажете едно патување во бизнис класа и поправете го апаратот за компјутерска томографија во струмичката болница. Ве замолувам, горди од власта, не малтретирате недолжен народ затоа што немате друга идеја како да ме победите на избори!, завршува Костадинов.