Осоговските планини се најголем планински масив на истокот од државата, и по површина и по висина, со своите 2.225 метри. Овој регион крие неверојатен туристички потенцијал, како за планинарски туризам, така и за класичен хотелски туризам, за верски туризам, заради големиот број на манастири, за алтернативен и рурален туризам.
За тоа што е она што Осоговските планини ги прави посебни за посета ММС разговараше со Зоран Читкушев, историчар и претседател на планинарската федерација.

„Осоговијата е мошне интересен простор. Прво, како форма, како местоположба и достапност, бидејќи вие можете од четири страни квалитетно да дојдете до определени висини. Има релативно коректна инфраструктура, каде што можете да престојувате. Има доста интересни места кои што можете да ги видите, бидејќи ако одите од Скопје, преку Штип, ќе ја видите и Баргала, манастирот Света Петка, пештерите на Плачковица, па ќе се спуштите во Блатец, од каде можете да му пристапите на Осогово. На Осогово можете да скијате, да го посетите Свети Василиј, да ноќевате во 5-6 добри хотели за релативно пристапни цени да добиете квалитетна услуга. Таа планина е атрактивна и во лето, токму поради својата специфика. Лесно е достапна и од Крива Паланка, планинарите прават акција 4К – четири крстови. Пониква и околината до Свети Јоаким Осоговски се места каде што минуваат планинарите, вели Читкушев.

Според него, Осоговијата треба да работи на развојот на алтернативниот и руралниот туризам.
„Преку европските фондови се направи еден објект на Пониква, кој треба да биде планинарски дом. Мислам дека тоа ќе го подигне нивото на квалитет на престој на планинарите на оваа планина. Секако дека треба да се работи во делот на создавање вештачки снегови, да се подобрат стазите, ски лифтовите, да тоа биде употребливо кога има сезона.

Треба да се подобри и безбедноста на стазите и во таа насока сум сигурен дека локалните самоуправи од Кочани и Пробиштип работат на тоа да се подобри. Сигурно дека тоа ќе донесе средства и за општините и за фирмите, но добро е да има и дополнителни содржини, каде што локалното население ќе може да даде свои производи и услуги. На многу туристи не им се атрактивни хотели со 5 ѕвезди, тука треба да се работи со локалното население, да се обучи, да се охрабри да инвестираат во свои престојувашлишта, да се развива руралниот туризам, да може туристот да бере чај или да собира јајца, едноставно да биде непосредно. Да се промовираат повеќе фолклорните фестивали, да се рекламираат надвор за да бидат атрактивни за туристите од страна, додава Читкушев.

Тој вели дека, секако, клучен во развојот на туризмот во Осоговијата е маркетингот.
„Ако сакаме туризмот да го подигнеме на едно повисоко скалиште, многу голема работа врши маркетингот. Кога ќе влезете во Македонија, ако немате информации за содржината, ќе ги поминете тие 200 километри и нема ни да знаете што сте пропуштиле.

Имавме Агенција за поддршка и промоција на туризмот, сега Министерството за култура е и министерство за туризам. Мислам дека ние како можност не сме искористиле формирање на туристички организации на ниво на општини, за да и кадровски, и просторно, и функциолнало се подигне на едно повисоко ниво. Секоја општина треба да направи своја приказна, подвлекува Читкушев.

Според статистиките на Европскиот парламент, дури 38 проценти од европските сместувачки капацитети се во рурални средини, што отвара голема можност за симбиоза меѓу сместувачките капацитети и локалното население, кое во руралните средини најчесто произведува храна, се бави со сточарство, земјоделие, овоштарство и има огромен број на локални производи, како храна, чаеви и лекови, кои на туристите можат да им бидат интересни.

Освен во Европа, тренд за развој на руралниот и алтернативниот туризам има насекаде во светот, бидејќи, за разлика од класичниот туризам, во кој профитот оди кај големите хотелиери, кај алтернативниот можат цели заедници да се одржуваат економски, благодарение на туристичката атрактивност.
Мартин Каровски
Фото: Вангел Тануровски