Сеопфатно истражување покажа дека утрото е времето од денот кога луѓето вообичаено се чувствуваат најдобро. Стручњаците, имено, анализирале податоци собрани од 49.218 возрасни лица како дел од социјално набљудување на Универзитетскиот колеџ во Лондон, Велика Британија, коешто ги следело испитаниците во Ковид-19 пандемијата – од март 2020. до март 2022 година.
Така, во миговите кога луѓето се будат, „генерално се чувствуваат исклучително добро“, но тоа чувство постепено преоѓа кон полошо до полноќта, се наведува во написот објавен во „Би-ем-џи Ментал хелт“ (BMJ Mental Health).
Испитувањето го потврди и она во што веруваат многу луѓе – дека во летните месеци се чувствуваат посреќно и подобро отколку во зимскиот период.
Луѓето се најсреќни во вторник
Научниците велат дека „постои врска меѓу доброто расположение и одреден ден во неделата“, како и оти имаат „особено силни докази дека луѓето се чувствуваат подобро и психички и физички налето“. Промените во менталното здравје и благосостојбата во текот на денот, се вели, може да се објаснат со физиолошките промени поврзани со телесниот часовник.
„Кортизолот, т.е. хормонот чијашто најважна задача е да обезбеди доволно енергија во миговите на интензивен стрес, бидејќи го регулира расположението, мотивацијата и стравот, го достигнува својот врв веднаш по будењето и е најниско кога е време за спиење“, се додава.
Научниците забележале дека менталното здравје на повеќето од испитаниците е подложно на промени во текот на викендот, а стабилноста следи во текот на неделата. Следени се и флуктуациите во менталното здравје на учесниците во студијата, на пр. симптоми на депресија и/или анксиозност, промени во чувството на среќа, задоволството од животот, осаменоста.
Испитаниците одговараа на прашалници кои вклучуваа прашања како што се: „Колку сте задоволни од вашиот живот?“ и „Колку мислите дека вредат работите што ги правите во животот?“, а предвид се земаат и фактори како возраст, здравствена состојба и вработеност.
Резултатите покажаа дека оценките за среќа, задоволство од животот и животна смисла биле повисоки во понеделник и петок отколку во недела. Но, се покажа и оти испитаниците се најсреќни во вторник.