Иако законски се обврзани да издаваат фискални сметки повеќето такси компании и индивидуални возачи не издаваат фискални сметки. Оваа пракса што води кон сива економија, се случува на очиглед на даночниците и инспекторите, кои заеднички толерираат во име на социјален мир.
Овој феномен не само што го оштетува државниот буџет, туку и ги лишува патниците од правото на транспарентна и правно заштитена услуга. Колку е распространета оваа практика, што велат надлежните институции и што може да се направи – се прашања кои заслужуваат внимание.
За состојбата на терен, за ММС сведочеа неколку граѓани кои го изразија непрофесионализмот на такси возачите, услугата, како и наплаќањето без дадена фискална сметка.
„Такси превозот е крајно непрофесионален, имаме возачи што не треба да бидат зад воланот, цени кои што не се истакнати и се променуваат зависно времето, пребрзо и несигурно возат и има такви кои што не се пријавени за дејноста, односно работат на диво“, вели младо момче од Радовиш.
Според друг граѓанин, неиздавањето на фискални сметки доведува до нарушување на правото на патниците на заштита и транспарентност во финансиите.
„Покрај овие проблеми, по полноќ, знаат да ги зголемуваат цените, без претходно да ги информираат патниците, при што некои од патниците може да се најдат во незгодна ситуација. Недостигот на ценовници во такси возилата и неизвесноста за точната цена на услугата остава простор за манипулации. Така наречените диви таксисти, кои работат на црно, ја поткопуваат конкуренцијата, создаваат нелегален пазар и неповолни услови за регуларните такси возачи. Тоа е сериозен проблем што ја загрозува довербата на јавноста во такси услугите. Институциите потребно е да ги решаваат овие проблеми преку подобра контрола и да даваат построги санкции“, рече девојка од Штип.
Студентка која студира во Скопје ја објасни ситуацијата во главниот град.

„Во Скопје ситуацијата е поразлична, цената за километар е фиксна и не секој таксист издава фискална сметка, иако според моето искуство, повеќе го прават тоа. Само дивите таксисти имаат поинаку подесени таксиметри и често вртат по подолгите рути непотребно за да наплатат повеќе“, објаснува таа.
Според Законот за превоз во патниот сообраќај, при вршење на авто-такси превоз, во возилото мора да има вградено исправен, пломбиран и баждарен таксиметар. При вршењето на превозот задолжително мора да биде вклучен таксиметарот и цената на превозот да се наплатува врз основа на износот утврден во таксиметарот со издавање на фискална сметка.
На покривот на возилото и на бочните страни со кое се врши авто-такси превоз на патници мора да биде истакнат називот “TAXI”, а на бочните страни покрај називот такси и бројот од регистарот на такси превозниците.
Во возилото задолжително на видно место над таксиметарот треба да биде истакнат ценовник со утврдени тарифи за чинење на превозот и извод од лиценцата за возилото со кое се врши превозот истакнат на ветробранското стакло од страната на возачот.
Граѓаните да пријавуваат неправилности
Согласно Законот за регистрирање на готовински плаќања, член 2 став 1 такси превозниците имаат обврска да издаваат фискални сметки за извршената услуга.
Со цел да се подобри спроведувањето на оваа обврска, Управата за јавни приходи во соработка со останатите надлежни институции учествува во координирани акции заедно со МВР – Сообраќајната полиција и Секторот за издавање на лиценци за вршење на такси превоз кој е под надлежност на Општините.
„Целта на таквите акции е да се контрола дали такси превозниците ги почитуваат Законите вклучително и одредбите од Законот за регистрирање на готовинските плаќања, бидејќи контролорите на УЈП, немаат овластување за да запрат моторно возило таксист за да вршат контрола, и затоа таквите контроли секогаш се реализираат во меѓуинституционална координирана акција“, велат од УЈП.

Доколку граѓаните увидат неправилности во работењето, од УЈП сугерираат дека треба тоа треба да се пријави и провери.
„Апелираме до граѓаните доколку увидат неправилност во работењето на такси компаниите да пријават на контакт телефонот за неправилности 198, по што Управата за јавни приходи во соработка со надлежните институции ќе постапи со цел да утврди дали има и какви неправилности“, додаваат од таму.
Во однос на дивите таксисти, Управата за јавни приходи во вршење на работите од својата надлежност во даночна постапка кај нерегистрирани даночни обврзници е должна да достави известување до Инспекцискиот Совет надлежен за работите на инспекциски надзор, како и до Државниот пазарен инспекторат.
„Токму ДПИ со контрола има надлежност да преземе законски мерки во смисла на донесување на акти за забрана за вршење на дејност во кое се одредува рокот за регистрација на лицето во надлежен регистар, како и изрекување на глоби“, појаснуваат од УЈП.
Тие потенцираат дека е неопходно координирано делување на сите институции на национална ниво и спроведување на активности кои се насочени кон подобро деловно окружување за основање, раст и развој на компаниите, стимулирање и поддршка на формализацијата на неформалните економски активности, како и јакнење на даночниот морал и намалување на толеранцијата кон неформалната економија.

Со други зборови, голем дел од иницијативите за контрола дали некое такси возило издава фискални сметки се на општините. Сепак, дадената надлежност, се чини е алатка за постигнување социјален мир. Имено, не е мал бројот на таксисти – пензионери со минимална пензија, приматели на социјална помош, самовработени со минимална плата. Таксистите пак велат дека со овие цени, доколку вклучат таскиметри и врз основа на тоа издаваат сметки, граѓаните ќе треба да плаќаат двојно од тоа што плаќаат сега. Наместо регулација, во случајот со Штип премолчано се зголеми цената по колометар и на старт, додека таксиметрите останаа исклучени, а фискалните апарати надвор од употреба.
Диви таксисти се и засегната категорија на граѓани
Штип до пред година и половина немаше организиран превоз, со што такси возилата беа единствениот градски превоз. И покрај тоа што и во Штип се вршат контроли, се издаваат соодветни казни, некогаш и опомени, сепак и таму доминираат дивите таксисти.
„Нема некоја посебна мерка, некој начин за таквите диви таксисти да бидат тргнати од сообраќај бидејќи нема што да му земеш. Ситуацијата со такси превозот во Штип не е задоволителна, далеку од тоа, но очекуваме годинава да имаме зголемен број на контроли и се надеваме дека одредени работи ќе бидат корегирани“, вели Оливера Блажева, општински сообраќаен инспектор во Општина Штип.
Сепак, најголемиот проблем според неа е што социјална група на граѓани се всушност диви таксисти.

„Еден дел од лицата што ја вршат таа дејност се социјални случаеви. Тоа е најголемиот проблем со такси превозот во Штип. Се вози многу често навечер, после работа, за викенд и за се тоа се потребни дополнителни ресурси за да се врши контрола. Се надевам дека и во овој дел ќе има подобрување и почесто ќе се вршат контроли“, објаснува таа.
Блажева кажа дека им се пишуваат казни на дивите таксисти и дека тие без никакви проблеми се помируваат со тоа и ги плаќаат.
„Јас имам сознанија за тоа дека наводно не се издаваат фискални сметки, но не сум вршела увид на издавање на истите. Тие се обврзани да издаваат фискални сметки, но колку тоа го прават и дали постојано, тоа е друго прашање“, децидна е Блажева.
Ситуацијата во главниот град е очајна
Покрај предизвикот со неиздавањето со фискални сметки, Градот Скопје се соочува и со проблемот со дивите таксисти. Ситуацијата е лоша и во другите градови, но сепак во Скопје е најмногу нагласена.
Начинот на кој дивите таксисти функционираат е дека ти обично чекаат патници и нудат превоз на прометни места (автобуските станици) и на лице место се договараат со клиентот за цената. Поради поголемата заработка, се повеќе легални таксисти стануваат диви.
Според претседателот на Групацијата на авто-такси превозници на Град Скопје, Сашо Рајчановски, граѓанинот кој користи авто такси превоз, нема обврска да плати доколку не му се издаде фискална сметка бидејќи тие таксиметри што не издаваат фискални, тие се на диво штелувани по некоја си цена што на самиот таксист му одговара. Обично има многу стари таксиметри кои можат по волја на возачот да бидат штелувани.

„Во Скопје не се издаваат фискални, тоа не се почитува бидејќи има многу диви таксисти, инспекцијата мора да ги гони. Ние апелираме да бидат фатени оние кои не ги исполнуваат условите за да ја држат лиценцата за такси превоз. Диви таксисти се невработени лица кои немаат фискални таксиметри, немаат обоено возило, немаат штелувани таксиметри и немаат лиценца“, вели Рајчановски.
Тој вели дека секаде низ Скопје генерално има непочитување кога станува збор за фискализацијата и дека сообраќајните инспектори мораат да излезат на улица да го решат проблемот.
„Праксата покажува дека резултати нема, ако имало до сега ќе беше средено. Се бориме да го решиме проблемот, но не ни оди. Последните 7-8 години воопшто не ни оди. Како што е сега во Скопје хаос за таксито, никогаш така не било. Во помалите градови мислам дека е посредена работата. Само градоначаланиците можат да го решат овој проблем“, објаснува тој.
Скопје сега има над 7000 таксисти од кои прашање е колку од нив се легални.
„Ние нудиме решение за 2000 брзи вработувања. Кога инспекторите ќе излезат на терен и ќе им забранат на дивите таксисти да работат, истите ќе бидат приморани да се пријават. Два милиони евра годишно буџетот на Скопје ќе биде побогат. Тоа е готов проект кој го нудиме, го даваме без една банка да потроши Град Скопје“, вели Рајчановски.
Институција која не спроведува
За овој проблем, се обративме и до Градот Скопје од каде дадоа детали за сработеното и за моменталната состојба.
Од Секторот Инспекторат на Град Скопје во 2024 година правени се контроли минимум 2 пати неделно согласно можностите на СВР Скопје и издадени се 155 решенија за отстранување од сообраќај и одземени 155 сообраќајни дозволи на такси возачи кои при контролите се затекнати без лиценци и изводи од лиценци.
Сепак, проблемот настанува во меѓу институционалната соработка.
„Законот за превоз во патниот сообраќај предвидува казнена одредба за сузбивање на нелегалните такси превозници , а тоа е одземање на возилото кое обавува дејност такси превоз од 6 месеци до 1 година и казна која е поврзана со одземањето на такси возилото. По Закон одземените возила би требало да се предадат и чуваат во Агенцијата за управување со одземен имот, која веќе неколку години не постапува за вакви случаи“, велат тие.

Се обративме и до Агенцијата за управување со одземен имот по однос на ова прашање, но не добивме одговор.
Од страна на Градот Скопје ова беше нотирано и во Извештајот за работа на овој сектор за периодот од 01.01 заклучно со 30.06.2024 година.
Во него стои дека Инспекцијата за патен сообраќај континуирано остварувала одлична соработка со Министерството за внатрешни работи во делот на квалитетното извршување на своите работни обврски, но сеуште не е реализирана соработка со Агенцијата за управување со одземен имот и заради тоа сеуште не може да се извршува законската одредба за времено одземање на возила кои извршуваат такси дејност без лиценца.

„За констатираните прекршоци инспекторите изготвуваа записници, донесуваа решенија во управна постапка, поднесуваа барања за поведување прекршочна постапка како и одземање на сообраќајни дозволи согласно со Закон. Проценката на ризици за инспекцијата за патен сообраќај беше од средна до висока со ниска до средна зачестеност за повторување, односно умерен до значителен ризик во контролата на такси превозот каде што има голема зачестеност во повторувањето на неправилностите кај одредени исти субјекти на надзор, затоа и контролите во тој дел од активностите беа позачестени“, стои во Извештајот.

Во Извештајот за периодот од 01.07 па се до крајот на 2024 година, Инспекцијата за патен сообраќај го нотирала истото каде е посочен и пример за тоа како Агенцијата за управување со одземен имот ги игнорирала во нивното барање.
„Немаше успешна соработка со Агенцијата и заради тоа не можеше да се извршува законската одредба за одземање на возила кои извршуваат такси дејност без лиценца, и покрај тоа што беше однесено писмено Барање со конкретен датум дека ќе се носи такси возило кое не поседува извод од лиценца и беше однесено возилото во Идризово, но Агенцијата одговори паушално на нашето Барање и не го прими возилото“, се наведува во Извештајот.

Според актуелната тарифа, стартот во такси возилата е 40 денари, а за секој изминат километар се наплаќаат 25 денари кога цената на горивото е до 75 денари за литар.
Втората тарифа предвидува старт од 50 денари и 30 денари за километар кога цената на горивото е помеѓу 75,50 денари и 119,50 денари, додека третата тарифа е 60 денари за старт и 35 денари за километар кога цената на горивото е над 120 денари за литар.
Кристијан Трајчов
Фото: Вангел Тануровски