Во свет каде што менструалната хигиена и понатаму продолжува да биде табу тема, а пристапот до основни хигиенски производи не е загарантиран за сите, една иницијатива може да направи голема разлика…
Колку е запоставена оваа тема докажува и истражувањето на организацијата „Тиииит! Инк.“ и Period Skopje во партнерство со „Реактор“ од 2021 година според кое секоја трета учесничка во истражувањето барем еднаш во животот се нашла во ситуација да нема пари да купи влошки и да мора да импровизира со крпи или тоалетна хартија (половина од овие учеснички и повеќепати). Според истото истражување, повеќе од 43% од испитаниците, отсуствувале од училиште заради менструација, 63% од нив вообичаено еден ден во месецот, а 21% два дена. Но, само конкретните иницијативи и акции даваат видлив резултат и ја адресираат самата суштина на проблемот.

Таква е „Bestie“ – иницијатива на dm drogerie markt, која ни остави силен впечаток поради визуелниот печат и симпатичниот лик кој е креиран специјално за оваа намена, но уште повеќе поради позитивната кауза која стои зад иницијативата. Ликот на Bestie за првпат го запознавме во октомври минатата година, кога заедно со хаштагот #НикогашПовеќеСама се појави како дел од проектот за намалување на менструалната сиромаштија во Македонија.
dm одбра уникатен, но многу привлечен начин за да отвори дискусија за една вака важна тема. Bestie разговара со нејзините пријателки, со корисничките, со јавноста, во прво лице. Таа е другарка на секоја една девојка која се соочува со истиот проблем и бара начин како да го реши. Секогаш е подготвена да советува, да насочи и да помогне, притоа не правејќи разлика за кого се работи и од каде доаѓа повикот за помош. На веб-страната на dm може да се најде цела една секција со содржини кои Bestie ги има подготвено за девојките, од типот на совети за грижа за време на менструалниот циклус, насоки за смирување на болката, но и опуштена Spotify плејлиста наречена „Музичка ПМС терапија“, чиј куратор е токму таа.

Проектот на Bestie, мотивиран од слоганот НИКОГАШ ПОВЕЌЕ САМА, започна со поставување на повеќе од 200 диспанзери за менструални влошки на државните универзитети во земјата и за почеток беа обезбедени повеќе од 100.000 бесплатни влошки за студентките од овие факултети. Идејата беше да се обезбедат подобри услови за младите жени од каков било економски и социјален статус да добијат соодветна хигиена и еднаков пристап до менструална нега. Се чини дека најголемиот проблем што се обидува да го реши Bestie е актуелната состојба во поглед на бројката на девојки кои се принудени наместо влошки да користат алтернативи како крпи или тоалетна хартија, но и да се намалат месечните трошоците кај девојките кои тоа најмногу ќе го почувствуваат.
Во текот на изминатата година како дел од оваа иницијатива беа направени повеќе донации, беа организирани едукации и работилници на тема „Менструална правда“, а темата доби и поширока платформа преку поткастот „Женски ритам“, организиран од dm. На дискусијата ѝ се приклучија низа на јавни личности кои имаа можност да го кажат нивниот став преку медиумската рубрика „Bestie истражува“, па така разговорот за менструалната хигиена се прошири и доби нова димензија. А оваа година, со испраќање на јасна порака дека секоја студентка треба да има пристап до неопходните хигиенски средства, иницијативата продолжи со засилен интензитет и преку неа беше обезбедена нова залиха од речиси 130.000 бесплатни влошки за студентките од државните универзитети.
Bestie со мотото „Никогаш повеќе сама“ започна не само кампања која инспирира, туку и помага да се промени свеста. Таа не се плаши да ги скрши табуата и да се избори за подобра, поздрава и поинклузивна иднина! И таа е подготвена да застане наспроти предизвиците и да преземе се’ што е во нејзина моќ за да помогне истите да бидат надминати. Затоа не сакаме да ја пропуштиме можноста да ја поздравиме оваа иницијатива и да ја искажеме нашата поддршка за неа, бидејќи и ние сакаме да ја направиме промената која сакаме да ја видиме во светот. Браво, Bestie! Се надевам ќе се дружиме уште долго време.