Градската депонија во Кочани долго време претставува значаен еколошки проблем за локалното население. Поради честите пожари и испуштањето на токсичен чад, жителите изразуваат загриженост за своето здравје и животната средина. И покрај превземените мерки, граѓаните се револтирани и остануваат на ставот дека не сакаат туѓо ѓубре бидејќи негативно влијае врз нивното здравје.
А дека нивното здравје од година во година е се позагрозено го потврдуваат и бројките. Според информациите од Центарот за јавно здравје Кочани, за периодот од 01.01 па до 30.09.2024 година, односно неполна година, утврдени се 4966 заболувања кај училишни деца и младина од 7 до 19 години, а минатата 2023 година, се утврдени 5367. Во 2022 година пак, бројката била 4743 што значи бројката расте, во 2021 година 3111 заболувања и во 2020 бројката е 2783.
Бројките загрижуваат и кај лицата од 20 до 75 години. За неполна 2024 година, бројката на заболени пациенти со респираторни болести е 8255, во цела 2023 година имало 12434 пациенти, 2022 година 9555, 2021 година 7891, а 2020 година 8281 пациент.
Истото важи и децата до 6 години. Во 2024 година до 30.09. имало 3601 заболување, во 2023 година 6211, во 2022 година 5913, во 2021 година 3995, а 2020 година 2948 заболувања.

Центарот за јавно здравје претходно има изработено и друг извештај каде во истиот податоците во 2024 година се заклучно до 6-ти месец. Она што е важно да се каже е дека во истиот извештај е наведено дека токму депонијата има директно влијание за зголемувањето на респираторните болести.
„Во депонијата се согоруваат различни видови отпад, меѓу кои и пластика, која при горење ослободува диоксини и фурани, високотоксични соединенија кои се штетни за човечкото здравје и животната средина. При вдишувањето на ваков тип чад од горење на отпад предизвикува сериозни здравствени проблеми како што се: респираторни заболувања, кардиоваскуларни проблеми и рак на бели дробови. Најважна мерка која е потребно да се преземе е под итно да се стопира палењето на депонијата“, стои во него.
Покрај влијанието од чадењето на депонијата која го загадува воздухот, тука се и подземните води кои воедно се исцедок од самата депонија и со истите се наводнуваат некои од прехранбените продукти во Кочани.
Граѓаните ги интересира само здравјето
Една од најгласните граѓански активистки од Кочани од самиот старт е Благица Сабовљевиќ Стоименова која вели дека Кочанчани сакаат здравје, а не отпад или пари.
„Одговорните кои го потпишаа договорот за носење на отпад во нашата депонија нека прават што сакаат, ние нашиот пат ќе го бараме институционално. Ние целата ситуација ја следиме будно. Понекогаш депонијата се запалува, има периоди кога е помирно, но во глобала чадот постојано го чувствуваат Кочанчани. Ситуацијата периодов е под контрола заради влажното време, инаку ситуацијата би била многу полоша“, изјави таа.
Благица додава дека во претходните две години кога трите општини не плаќале на општина Кочани за носење на отпадот, носеле буквално што ќе им текне, односно отпад кој е многу штетен.
„Нашите локални власти сега тврдат дека имаат контрола врз депонијата. Трите општини две години носеа ѓубре кај нас, ниту денар не платија. Во тој период се носело секакво ѓубре, буквално истурале што ќе им дојде при рака, ова особено важи за Виничани. Тоа го утврди граѓанскиот надзор уште во првата тура, веднаш беше пронајден токсичниот и штетен отпад. Што се однесува до локалните власти, ние оставаме и на нивна совест, ако се душмани на својот народ, нека го прикриваат и тоа“, кажа Сабовљевиќ Стоименова.

Според сознанијата на граѓанските активисти, и локалните власти во Кочани апелирале до трите општини да донесуваат штетен отпад бидејќи последиците од него се катастрофални.
„Ние како граѓани мислам дека многу ги размрдавме работите, ама тоа не го правиме за да се фалиме со тоа, туку за да ја заштитиме нашата средина. Нашата депонија нема капацитет за да прима толку ѓубре, а упорно истото се носи таму и тоа од три општини. Толку било присутно безобразието што винички камиони полни со ѓубре биле забележани како го фрлаат ѓубрето покрај патот пред самата депонија и тоа се случувало пред протестите. Тоа навистина не е во ред“, објаснува таа.
Сабовљевиќ Стоименова потенцира дека токму кога ќе наидат првите горештини во топлиот период од годината, тогаш локалната власт ќе покаже дека ја нема ситуацијата под контрола.
„Нашиот став е јасен, не сакаме ниту ѓубре, ниту пари. Приоритет за нас е здравјето. Токму поради тоа што немаме доверба во институциите, не нѐ интересираат парите. Кога ќе наидат првите горештини во депонијата, ние не веруваме дека тие се способни да се справат со тоа, а инаку го посакуваме тоа, се разбира. Токму минатото лето дојде до ескалација на ситуацијата со депонијата и горењето, а во октомври дури дојде и до експлозија“, рече Сабовљевиќ Стоименова.
Локалните власти молчат
Се обративме до општина Кочани околу целата ситуација. Тие како локална власт беа запрашани за моменталната состојба во депонијата, но и за тоа дали имаат информации за тоа како тече постапката за регионалната депонија во Мечкуевци, но од нив не добивме одговор.
Повратен одговор немаше ниту од општина Свети Николе под која спаѓа селото Мечкуевци, локацијата каде треба да биде регионалната депонија.
За ситуацијата пак во општина Виница, една од општините која носи отпад во кочанската депонија, ни одговорија од Јавното Претпријатие „Солидарност“ од Виница кое тврди дека состојбата со отпадот во нивната општина е нормализирана.
„Состојбата со отпадот на територија на Општина Виница е нормализирана. Редовно се собира отпадот од сите локации во општината и редовно се депонира на депонијата во Кочани. Депонирањето се врши во периодот од 07-16ч., пред и после тој период не ни е дозволено, а се депонира и сабота и недела. Се е во ред, немаме никакви пречки“, велат од таму.
Тие дадоа информации и за регионалната депонија во Мечкуевци.
„Следно што чекаме е да заврши тендерската постапка за изградба на Регионалниот центар за управување со отпад во Општина Свети Николе, да почне со градба на истиот, а треба во исто време да се изградат и претоварните станици што се предвидени. Доколку оваа пролет се започне со работа, очекуваме дека за најмногу 2 години ќе можеме да депонираме во претоварните станици“, објаснуваат од Јавното Претпријатие „Солидарност“.

Регионалната депонија ќе ги реши проблемите
Општина Кочани нема да биде дел од регионалната депонија во Мечкуевци кога таа ќе биде отворена доколку сега одбие да го зема отпадот од трите општини, вели Ана Симеонова, претставничка од невладината организација „Грин орг“ Кочани.
„Граѓаните изразуваат револт за потпишаниот договор, но треба да се знае дека единствен начин за дислокација на депонијата во Кочани е токму овој склучен договор. Доколку Кочани се откаже од овој проект, депонијата ќе остане да ни виси над главите и истата никогаш нема да биде отстранета. Ние како здружение даваме силна поддршка за реализација на овој проект“, рече Симеонова.
Како организација, договорот кој го потпишаа општините со општина Кочани за да плаќаат за отпадот тие го гледаат како позитивен чекор.
„Ние како општина финансиски не можеме да се справиме со туѓиот отпад, па неопходно е да се плаќа за отпадот кој тие го носат, исто како што е праксата и во некои други земји. Проблемот со депонијата е долгогодишен. Освен од депонијата, имаме и голем број на други загадувачи кои влијаат врз загадувањето. Ние гледаме дека Кочани е центар на канцерот во Македонија и тоа детално треба да се испита зошто сме стигнати до огромен број на респираторни болести и канцер“, изјави таа.
Во однос на одлуката која лани Советот на општина Кочани ја донесе, а која се однесуваше на тоа да се забрани трите општини да носат отпад, Симеонова вели дека таквиот потег бил замајување на јавноста.
„Незаконски е и она што беше побарано од народот, а тоа е да се стопира носењето на отпадот од другите општини. Има одлука на Влада за носење на отпад од другите општини. Кога советот изгласа да не се носи отпад од другите општини, ние веднаш сфативме дека тоа е едно обично замајување на народот. Тоа беше обично замајување од сите политички партии, па дури и од независни кандидати. Сите тие треба да бидат барем малку запознаени дека одлука на совет не може да сруши одлука на Влада. Зошто го лажеа народот за тоа и го тераа да мрзне на ладното време, мене не ми е јасно. Треба да бидеш квалификуван за да бидеш во тој совет, да ги познаваш законите“, децидна е Симеонова.

За влијанието на депонијата врз здравјето на кочанчани, таа рече дека има покачување на бројките на заболени од 2022 година од ден денешен и дека бројката е во постојан пораст.
„Имаме скоро дупло зголемување на заболените. Центарот за јавно здравје треба да излезе и да направи анализа од што конкретно доаѓаат тие бројки, дали од подземните води, воздухот или некој друг фактор. Токму поради тоа граѓаните излегоа на протести, бараа да се запре чадењето на депонијата. Подземните води воедно се исцедок од самата депонија и со истите се наводнуваат самите прехранбени продукти“, кажа таа.
Симеонова ги коментираше и наводите дека и жителите на селото Мечкуевци каде што треба да биде лоцирана регионалната депонија не сакаат да биде таму.
„Жителите на тоа село не сакаат регионалната депонија да биде на таа локација. Но, никој нема излезено да им покаже на луѓето како ќе изгледа таа фабрика за ѓубриво, односно дека истата ќе биде направена по европски стандарди. Ако проблемот сега не го решиме, ќе заглавиме со депонијата доживотно. Кочани може да одбие да учествува во проектот, но тоа ќе значи дека депонијата ќе ја оставиме на идните генерации. Се надевам дека во 2027 година веќе ќе ја имаме регионалната депонија во Мечкуевци и дека нашата ќе биде дислоцирана. Тоа ќе значи почиста општина и намалување на болестите“, децидна е Симеонова.
За птсетување покрај отпадот на кочанчани, во истата дива депонија се носи и отпадот од општините Виница, Чешиново-Облешево и Зрновци, па токму тоа дополнително го зголеми нивниот револт.
Граѓаните на Кочани дури и протестираа и ја блокираа депонијата. Од страна на Советот на Кочани дури беше донесена и одлука за забрана за носење на отпад од трите општини, но тоа се испостави како замајување на јавноста бидејќи постои активна одлука на Влада со која трите општини ќе ги затворат своите депонии, нешто што веќе е направено и својот отпад ќе го носат во Кочани се до изградбата на регионалната депонија во Мечкуевци, Свети Николе.

Во договорот за спроведување на проекти за воспоставување на регионален систем за управување со отпад во Источниот плански регион во рамките на ИПА 2 потпишан од страна на тогашниот министер за животна средина Башким Амети, Меѓуопштински одбор за управување со отпад во Источен плански регион, тогашниот градоначалник на општина Кочани Ратко Димитровски и сегашниот градоначалник на Кочани Љупчо Папазов, тогашен Директор на КЈП „Водовод“ Кочани се наведени обврските на општина Кочани.
„До воспоставување на регионалниот систем за интегрирано управување со отпад за Источниот и Североисточниот регион, КЈП „Водовод“ е должно непречно да овозможи примање на комуналниот отпад од општините Виница, Чешиново-Облешево и Зрновци, како и негово депонирање на општинската депонија, согласно одлуката од Советот на Општина Кочани од 30.09.2015 година“, стои во договорот во Членот 6.
Во претходните неколку години трите општини бесплатно го носеа отпадот во кочанската депонија, но пред извесен период се постигна договор општините да плаќаат 220 денари за кубен метар на општина Кочани. Со собраните средства, се очекува да се управува со отпадот, односно редовно да се собира, да се расчистува просторот во депонијата, со што ќе се спречи негово расфрлање во околината и ќе обезбеди одржување на јавната чистота.
Кристијан Трајчов