Се знае ли однапред директорот на Македонска Филхармонија уште пред да заврши конкурсот за избор, прашуваат од синдикатот на Филхармонијата, откако објавија видео од тв интервју на Изет Меџити од јуни, кога сеуште не беше формирана новата Влада, во кое тој вели дека новиот директор на Македонска Филхармонија ќе биде Албанец.
- Уште во јуни, пред формирањето на новата Влада, во еден медиум, г-дин Изет Меџити јавно објави дека ВЛЕН ја “добил” Филхармонија и дека Мустафа Имери ќе биде првиот Албанец, кој ќе раководи со институцијата. Оваа скандалозна објава ја руши легитимноста на конкурсот кој се уште е во тек, бидејќи името на г-дин Имери се уште фигурира низ кулоарите како сигурна и договорена опција за директорското место на нашата институција, велат во писмото 100 потписници од вкупно 120 вработени во Филхармонијата.
Вработените сметаат дека Македонска Филхармонија не е институција за која треба да се дозволи непристојната лицитација на функции и позиции, вообичаена во македонската политика:
- Треба да се избере директор на нашата институција, според законски утврдена процедура со вградени критериуми од страна на ресорното Министерство. Секој друг начин за избор на директор со кој се прескокнуваат највисоките скалила на одлучување е голема храброст (или дрскост). Лицитацијата на функции без спроведување на законска процедура со јасно утврдени критериуми е навреда за дејците во културата, а во таа насока и за нас, вработените во Македонската филхармонија. Директор на Филхармонија легитимно се избира на конкурс, и треба да се избере кандидатот со најдобра програма и професионални квалификации и референци, велат вработените.
За вработените во Македонска Филхармонија, оваа институција е еден од најзначајните чувари на македонскиот идентитет:
- Другите земји во светот имаат по неколку државни симфониски оркестри, Македонија има само еден – тоа е Македонската филхармонија. Таа е национален симбол, таа е столб на македонската култура, наш најголем амбасадор во светот. Токму поради тоа, за нас е исклучително важно кој ќе застане на чело на нашата институција, бидејќи тоа ја одредува насоката во која ќе продолжиме да се движиме во иднина. Мисијата на нашите основоложници и претходници за нас е светост, таа е аманет, кој, ние вработените го чуваме како најскапоцен дар, и ќе продолжиме да се бориме за да го зачуваме, бидејќи Македонската филхармонија не е само единствен симфониски оркестар во државата, туку и верен чувар на нашиот национален идентитет, се вели во писмото.
(M.K.)