Денес се слават љубовта и виното… Денес им е убаво на вљубените и на пијаниците… Но, дали славењето на овој православен и католички светец треба да се поврзува со верата или со помoдарството?
Ако се прашаат помладите зошто се слави „Св. Трифун“ или „Св. Валентајн“ ќе ви речат дека денес е денот на виното, односно на љубовта? И ова не зависи кој од која религија е, туку важно е да се купат подароци и да се слави. Но, ако ја прашате црквата, оттаму ќе ви речат ниту едото ниту другото. Дека целата оваа еуфорија околу славењето на овие два светци немаат врска ниту со виното и пијаниците, ниту, пак, со вљубените.
ММС разговараше со владиката Пимен, митрополитот на Европската епархија, кој на прашањето дали треба да го славиме виното или љубовта, тој децидно ни рече – ниту едното ниту другото!

– Да, јас ќе речам ниту едното ниту другото. Ова не е празник на виното, уште помалку на пијаниците, туку е празник на „Св. Трифун“. Овој светец воопшто нема никаква врска со виното. Тој е светител на црквата од третиот век. Раден е во Фригија, во Мала Азија, било младо момче и бил воспитуван во христијанската вера. Имал исцелителна моќ и лекувал луѓе со духовни заболувања. Се случило на римскиот имепртор Гордијан да се разболи ќерката и бил повикан да ја лечи. И секако ја излечил. Но, по даѓањето на Трајан повторно почнува да се гонат христијаните и така настрадал. Но, во записите стои дека кога дошле луѓето на царот да го бараат го нашле како чува гуски и затоа на иконите најчесто може да се види насликан со гуска. А во понов период, особено на Балкан се црта со алат за закројување, вели владиката.

Според него причината поради која денот на овој светец го поврзуваат со виното и со пиењето е токму поради тоа што на овој ден се закројуваат лозјата, па лозарите си го земале за свој ден.
-Бидејќи споменот кон него се слави на 14 февруари, а тоа било време кога се закројуваат лозјата и од тука почнува се. Лозарите овој ден го земале како ден за почеток на закројување на лозјата и од тука почна искривувањето на неговиот лик во православната црква. Има региони и каде го нарекуваат Трифун пијаницата, што нема никава врска. Но, како ден кога се почнуваат закројувањата се полива вино и тоа до толку се искомерцијализирало да стане како ден на виното, како што кај католиците „Свети Валентајн станува ден на љубовта. Сето тоа е комерцијализација. Освен тоа „Свети Валентин“ иако го има во православната црква како светител, воопшто не се слави кај нас. Тој е светител од времето кога црквите биле заедно. Но, проблемот е што луѓето го прифтиле тоа под влијание на трговците, за да има за што да се потрошат пари, да се купуваат подароци, па ручеци. Се е за профитот на трговците. И сега како контра мерка на католиците, православните измислија да го слават „Св.Трифун“ за да се пијанат, за да се продава вино и да се наливаат. Се претерува. И името на „Св. Трифун“ поинаку се славел. Луѓето прво оделе во црква, па потоа оделе да го закројат лозјето и да го поеат со вино за да има убав род. А сега се прават софри и се и сешто се измислува. И православните и католиците го искомерцијализираа името на светците, објаснува владиката Пимен.

Виното, пак, има сосема друго значење во православната црква. Смислата на виното не е пиењето, туку поистоветување со крвта на Исус.
-Тоа е сосема друга приказна. Виното се употребува секојдневно во црквата. Хрстос на Тајната вечера го востановува причестувањето, го зема лебот, го раскршува, го дава на апостолите и им вели: „Земете, јадете, ова е моето тело кое за вас е прекршено за отпуштење на гревовите“. Потоа зема чаша вино и вели: „Земете, ова е крвта моја, која за вас е пролеана за отпуштање на гревовите“. Од тогаш, во спомен на Велики Четврток виното веќе влегува во литургиска употреба. Во спомен на тоа што го направил Христос на литургијата принесуваме леб и вино и потоа се причествуваме. Си има литургиска улога виното, вели тој и додава:

-Во календарот, во посните денови е наведено кога се користи виното. Кога е строг пост не се дозволува вино. Кога е ублажен пост си стои насока како треба да се пости. Има денови кога може да се користи масло, вино и риба. Кога станува збор за причест, тогаш се користи лажичка. Ние бевме една од ретките цркви која во времето на короната одолеја, не попушти на притисокот за користење повеќе лажички. Историски никогаш не е покажано дека црквата некогаш била извор на зараза. Се причествуваме според верата, со телото и крвта на Христос, а Христос може да биде само извор на спасение, не извор на зараза. Во лажичката го ставаме Христос и го даваме на народот, па не може лажичката да има поголемо влијание од самиот Христос. Токму поради крвта се се причествува само со црвено вино иако католиците се причествуваат и со бело. Не знам која е логиката. Инаку, црвеното вино е олицетворние на крвта на Христа и не може да биде бело, вели тој.
Весна Миленковска
Фото: Вангел Тануровски