Активностите за изградба на нов паркинг простор за 50 возила во населбата Осми Ноември во Штип започнаа. Овој проект е одговор на барањата на жителите од станбените згради во таа населба. Во рамки на проектот ќе се изградат и нови улици за да се осигура лесен пристап до паркингот, изјави градоначалникот на Штип, Иван Јорданов.
- Во рамки на овој проект е предвидено да се направи и пристапна улица, преку која што ќе има достапност на возилата до новиот паркинг простор. Тој целосно ќе биде осветлен со нови канделабри, ќе има дополнителна поврзаност со скалници на околните станбени згради со истиот паркинг. Она што сакам да го најавам дека деновиве не само уредувањето на паркинг површината, актуелно во населбата Осми Ноември ќе продолжи уредувањето на влезовите на станбените згради, кој што се останати неуредени, рече Јорданов.
За уредувањето на паркинг просторот се издвоени над два милиони денари од буџетот на општината, додека за уредувањето на влезовите на станбените згради се предвидени околу четири милиони денари. Оваа финансиска поддршка ќе помогне во подобрување на инфраструктурата во населбата.