МВР и ОЈО излегоа со детали за убиството што ноќеска се случило во населбата Чаир во Скопје.
-На 10.02.2025 околу 23.50 часот во СВР Скопје било пријавено дека на паркинг простор на подрачјето на Чаир, поради претходно недоразбирање во сообраќајот, настанала расправија помеѓу две групи, при што било употребено огнено оружје. Неколку минути после полноќ, поточно во 00.06 часот, од Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ било пријавено дека кај нив со повреди од огнено оружје биле донесени Х.Б.(35) и А.Д.(35), двајцата од Скопје, и дека подоцна Х.Б. починал, а над А.Д. била извршена интервенција и бил задржан на лекување. Поради повреди од огнено оружје, во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ бил пренесен и Н.Д. од Скопје. По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот било дадено на обдукција, информираат од МВР и додаваат:
-По преземени мерки, а поради сомнение дека учествувале во престрелката, полициски службеници од СВР Скопје околу 01.40 часот во болницата го лишиле од слобода Б.Б.(39) од Скопје, на подрачјето на Чаир го лишиле од слобода Н.Д.(22) од Скопје, додека, подоцна биле пронајдени и лишени од слобода Р.Р.(41) и К.Т.(28), двајцата од Скопје. По преземени мерки, на местото биле пронајдени два пиштоли, неколку возила и други предмети поврзани со делото. Лицата биле задржани во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случајот, ќе бидат поднесени соодветни пријави, се вели во соопштението од МВР.
Подоцна со соопштение за овој настан се огласи и ОЈО.
-Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје изврши увид на лице место во скопската општина Чаир, каде во оружен инцидент ноќеска беше убиено едно лице, а две беа повредени. Според првичните сознанија, во престрелката учествувале повеќе лица, а од местото на настанот се подигнати траги и чаури кои ќе бидат предмет на вештачење. Обезбедени се и снимки од видео надзор кои се прегледуваат. Исто така, издадена е наредба за обдукција на телото на починатиот, а се работи на целосно испитување на настанот и утврдување на причините, велат од ОЈО.