Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, најави дека ќе се реконструираат сите улици кои водат до Клиничката болница-Штип. Подготвителните градежни работи започнуваат од денеска. За асфалтирањето на улиците од буџетот на Општина Штип се обезбедени два милиони денари. Кога временските услови ќе бидат поволни, ќе се постави нов асфалт. Овој проект ќе ја подобри инфраструктурата и пристапноста до болницата.
- Се наоѓаме во кругот на Клиничка болница-Штип, овде деновиве ќе се работи на припрема за асфалтирање на сите пристапни улици и улиците во кругот во рамки на Клиничка болница-Штип. Состојбата со инфраструктурата во болницата е повеќе од евидентна, затоа што повеќе од 60 години откако е изградена оваа инфраструка овде, никој до сега нема направено поместување на работите во делот на инфраструктурата. Во разговор со директорот на болницата одлучивме да направиме позитивни промени во рамки на постоечката инфраструктура, имајќи во предвид дека очекуваме во месеците кои што следат да се започне со активности за доизградба на новата зграда на Клиничка болница-Штип, изјави Јорданов.
Директорот на Клиничка болница-Штип, Владко Захариев истакна дека со градежните активности граѓаните ќе имаат два влеза до болницата, со подобра пристапност.
- Веќе дојде и таа прва етапа припрема на самиот круг на болницата за последователно при подобрување на временските услови за асфалтирање на самиот круг. Со ова граѓаните ќе добијат два влеза за подобро функционирање и подобра ристапност, вели Захариев.